Промоција на романот „На враќање“ од Фросина Пармаковска во МКЦ

Вечерва со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи промоција на четвртиот роман на Фросина Пармаковска насловен „На враќање“. Промотори на новиот роман на Пармаковска ќе бидат Октај Ахмед и Душко Крстевски

-Пишувањето роман бара трпение и посветеност, а пишувањето добар роман бара и талент за привлечно и деликатно раскажување на приказната. Нема сомнение дека Фросина го има и едното и другото во овој нов, возбудлив спој на конкретното и универзалното, на судбинското и рационалното, на патувањето и враќањето во домот, пишува Елизабета Баковска за романот на Пармаковска.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“ (2014, Или-Или) влезе во финале за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. Преведен е на бугарски и на украински јазик. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 година. Во 2018 година, на Саемот на книга, го добива признанието за најуспешен домашен автор што го доделува Македонската асоцијација на издавачи. Неодамна излезе нејзиниот четврти роман „На враќање“, во издание на Или Или. Имала бројни претставувања на домашни и меѓународни настани како: Денови на македонската проза во Софија (2015); Саем на книга во Софија (2015); Меѓународни средби на писатели на островот Зларин, Хрватска (2017, 2018 и 2019); Литературно-музичка манифестација „Креативни точки“, Лешок (2017); Младински прозен фестивал „Да се биде млад, да се умре млад“, Истанбул (2017); Книжевни текови во регионот: Фросина Пармаковска, Ариан Лека и Андреј Николаидис, ТРАДУКИ, Цетиње (2018); Меѓународен книжевен фестивал „ПРО-ЗА Балкан, Скопје (2018); Фестивал за култура „Дрим-ОН“, Струга (2018); Саем на книга во Франкфурт (2018); Караманови средби, Радовиш (2018); Саем на книга во Лајпциг (2019), Саем на книга во Истанбул (2019) итн.