Промоција на „Тревога“ од Иван Додовски и изложба на Владимир Симоновски

Вечер, со почеток во 19 часот, во изложбениот салон и летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на Македонија се организира заеднички настан – отворање на изложбата на уметнички објекти „Куферот на Макс Фриш“ на Владимир Симоновски и промоција на поетската книга „Тревога“ (изд. Слово, 2020) од Иван Додовски.

Реч за изложбата и за книгата ќе одржи проф. д-р отец Стефан Санџакоски, а специјални гости се: Александра Јоаниду (Солун), Вил Фирт (Берлин), Драган Никчевиќ (Белград), Крсте Роџевски (Њујорк), Мати Грунберг (Тел Авив), Јулија К. Станкова (Софија), Александар Павловиќ (Белград), Никола Маџиров, Беди Ибрахим, Димитар Башевски, Вера Милошевска, Атанас Георгиев, Сенка Анастасова, Владо Ѓорески-Рафик и Венко Серафимов.
За изложбата:

Изложбата „Куферот на Макс Фриш“  се состои од триесетина експонати изработени со специфична техника и материјали – дрво, фурнир, апликации и колористички детали – кои заедно прават уникатни релјефни структури. Сите дела се концептуално поврзани и откриваат избалансирана естетика во духот на метафизичкиот енформел. Философски поттик за овие експонати на Владимир Симоновски е делото на швајцарскиот писател со светско реноме Макс Фриш (1911-1991).

Книгата „Тревога“ е четврта по ред поетска книга на Иван Додовски. Таа содржи педесетина песни пишувани во подолог период. Книгата е поделена во четири циклуси, со пролог и епилог, и претставува осмислена целина на лирски рефлексии за политичкото, духовноста, телесноста и за љубовта, како и за односот кон светот и кон божественото под товарот на неизвесноста што настапува во новиот милениум.