Промоција на зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“

По повод стогодишнината од раѓањето на великанот на современата македонска култура Блаже Конески вечер во Струмица ќе биде одржана промоција на Зборникот „ Уште едно навраќање кон Конески“, кој го приредија проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист и Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти.

Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“, чиј издавач е Општина Струмица, всушност е своевидно продолжение на претходниот „Навраќање кон Конески“ што го приредија Свето Стаменов и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, со кој Општина Куманово во мај годинава ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Конески.

„Уште едно навраќање кон Конески“, чиј уредник е доц. д-р Ана Витанова – Рингачава, содржи 44 трудови на триесетина врвни познавачи на животот и делото на великанот Блаже Конески, кои секој од свој аспект фрлаат нова светлина врз творештвото на Конески, но кои во целина ќе предизвикаат нови проширени сфаќања и оценки за неговото грандиозно дело. Сепак, она што му дава посебен белег на Зборникот е тоа што во него се застапени и поголем број автори од помладата генерација од кои до право се очекува да го продолжат делото на великанот Конески.