Промоција „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје утре ќе биде промовирана книгата „Просто и строго – Конески“ од авторот Иван Антоновски. Со промоцијата на оваа книга која претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, книгоиздавателството „Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески.

Промотори на книгата ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а за настанот е предвидена и музичка програма на Драган Даутовски.

„Просто и строго – Конески“ на Антоновски беше објавена неодамна и во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

Според оцените на универзитетскиот професор Димитар Пандев, кој ќе биде еден од промоторите, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето и промовирањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.