Промоција на евровизиската песна „Таму кај што припаѓам“ во Хит на месецот

Во сабота со почеток во 21 часот и 30 минути, МРТ во специјално издание на музичкото шоу „Хит на месецот“ ќе ја претстави евровизиската песна „Таму кај што припаѓам“, со која Тијана Дапчевиќ ќе настапи на 59-тото издание на Изборот на песна за Евровизија.

Музиката за песната ја подготвија Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, додека Димитров ги подготви и аранжманот и продукцијата. Текстот за македонската верзија го изработи Елена Ристеска, додека за англиската верзија со наслов „To the Sun” се погрижија Елена и Дарко, во консултација со Лаура Роска од Романија.

„Во моментот кога Македонската Радио Телевизија објави дека јас ќе ја претставувам Македонија на Евровизија, добив повеќе од педесет понуди за песни од целиот Балкан. Нуту една од нив не ми се допадна, освен трите песни кои ги добив од Дарко. Се одлучивме за повеселата и поведрата.Многу верувам во песната, сигурна сум кога ја пејам и сигурна сум во добар пласман“, изјави Дапчевиќ,“ додава таа.

Во „Хит на месецот“ ќе бидат промовирани двете верзии на песната, англиската и македонската.

„Се одлучивме овој пат Тијана Дапчевиќ да биде единствениот музички гостин, а македонската верзија на песната веднаш да стане предлог на топ листата за кој гледачите ќе може да гласаат. Меѓу другото ќе се потсетиме на актуелната состојба на нашата топ десет листа, ќе ги откриеме останатите важни детали околу нашето претставување на Евровизија, а на гледачите ќе се обидеме да им ја доловиме и главната идеја и мото под кое Евровизија се одржува оваа година”, вели Александра Јовановска, уредник и водител на “Хит на месецот”.

Во следните денови ќе се снима и видео записот за евровизиската песна.

„Станува збор за многу интересен научен експеримент, сценариото е тајна, но ќе ви открија дека се снима во лабораторија и во оваа прилика изразувам голема благодарност до менаџерскиот тим на „Алкалоид“, кој излезе пресрет и овозможи да се реализира овогодишната оригинална приказна во најавната разгледница за Македонија“, изјави Мери Попова, шеф на Македонската евровизиска делегација.

Изборот на песна за Евровизија оваа година се одржува во Копенхаген, Данска од 6-ти до 10-ти мај. Македонија настапува во второто полуфинале на 8-ми мај и ќе го забележи своето 14-то учество на најгледаното музичко шоу на стариот континент.