Промовирана едицијата „Нови бајки од Македонија“

По повод Светскиот ден на детето, денеска се одржа промоција на едицијата „Нови бајки од Македонија“ што ја сочинуваат четирите бајки – „Бакнежот на пролетта“, „Перуника“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“. Едицијата e во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Бајките што се дел од оваа едиција се напишани од автори кои имаа можност да ги пријават своите дела на отворениот конкурс што го распишаа Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. По изборот на бајките, беше распишан и отворен повик за дизајнери-илустратори кои ги работеа визуелните прикази на бајките, давајќи им целосно свеж и оригинален печат.

Членот на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, Ангелка Пеева Лауренчиќ на денешната промоција на изданието информираше дека на конкурсот за „Нови бајки од Македонија“ објавен минатата година се пријавиле вкупно 360 автори со над 400 дела.

-За нас како носители на проектот беше навистина освежување за капацитетот на овој простор да се пишуваат токму бајки. Денеска осми пат промовираме нешто што ни го прави животот поубав, ни го прави животот да личи повеќе на бајка. Пред девет години, еден мал тим од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ под мотото „Браво Сине“ го почна патот на креирање на една нова вредност, односно постоечка вредност која што сакавме да ја направиме видлива и да ја приближиме до новите генерации под наслов „Бајки од Македонија“, рече Пеева Лауренчиќ.

Таа додаде дека во првата фаза заедно со Арс Ламина со обиделе да ги соберат традиционалните бајки од овој простор и да ги адаптираат на еден современ македонски јазик близок до новите генерации и да им дадат форма која ќе ги заинтригира токму децата, преку конкурси за млади илустратори.

-До минатата година во тој циклус „Бајка од Македонија“ издадовме 52 бајки, за секоја недела по една со што го исцрпевме интересниот дел за младата популација и дојдовме до заокружување на една целина. Ние денес правиме историја за следните генерации и формиравме комисија од стручни лица кои одбраа четири бајки, со сета резерва дека можеби и не сме ги одбрале најдобрите, но секако сме одбрале одлични бајки, посочи Пеева Лауренчиќ.

Раководителката на издаваштво во „Арс ламина“, Бранка Бугариска на промоцијата денеска информираше дека „Бајките од Македонија“ се преведени на девет јазици, преведени на браово писмо, а откупени се од Индонезија, Германија и Јапонија.

Според авторката на бајката за „Сончевото момче Ил“, Катерина Данаилова, потребен е многу труд да се анимираат најмалите и со креативни проекти да се привлечат да читаат книги, па дури и да почнат да творат и пишуваат.

-Дигитализацијата за жал денес зазема се поголем замав, но со вистински пристап и со промовирање на вакви проекти кои што се случуваат, мислам дека постои огромен потенцијал пишаниот збор никогаш и со ништо да не се погази или да згасне, рече Данаилова на денешната промоција на ова издание.

Таа потенцираше дека интересот на децата денес се хероите кои се следат на електронските медиуми и децата токму прeку нив се препознаваат.

-Во бајката „Сончевото момче Ил“ се зборува за борбата меѓу доборото и злото, и победата на доброто олицетворена во едно дете беше како идеја и поттик да направам нешто што ќе ги заинтересира и ќе ги натера децата да сакаат да читаат. На овој начин многу лесно ги вметнав и симболите од словенската митологија, ги вметнав на модерен начин за децата да се идентификуваат со главниот лик и со неговата чиста душа, додаде Данаилова.

Според Данаилова, читањето е вратено во тренд. Таа напомена дека бројот на читатели дури за време на пандемијата беше зголемен, како кај возрасните така и кај децата, што како што рече, е сериозно за голем поздрав во нашата држава.

Успехот за ова, посочи, се должи на издавачката политика и на ваквите случувања, модерните изданија и тоа што се печати токму она што луѓето сакаат да читаат.

-Децата се огледуваат на постарите. Ако читањето е тренд кај постарите, тоа секако се одразува и кај помладата популација, додаде авторката.

Илустраторот на бајката „Сончевото момче Ил“, Орце Нинески на промоцијата денеска напомена дека класична инспирација му е приказната и како што рече, задоволен е од крајниот резултат.

-Класична инспирација ми беше прво приказната која беше прекрасна. Сметам дека нејзе најдобро можам да ја илустрирам и мојата идеја да ја преточам во прекрасни слики. Сончевото момче беше предизвик за мене, бидејќи е прва моја сликовница на која работам, но задоволен сум од резултатот. Можам да кажам дека во светот се забалежува тенденција на експанција на детските сликовници, посочи илустраторот Нинески.

Според авторката на бајката „Бакнежот на пролетта“, Елизабета Баковска единствена искрена и вистинска работа која родителите можат да ја остават на децата се токму приказните.

-Мислам дека ние родителите имаме се помалку време и се помалку внимание кое би го посветиле на нашите деца, а и тие нам. Ние всушност дојдовме до момент како општество во кое ги молиме нашите деца да не сослушаат, да го сослушаат нашите приканзи. Во една поширока смисла, тоа е единственото нешто што ќе им го оставиме, бидејќи сите материјални работи се минливи и во суштина се небитни. Единствената вистинска, искрена и неповторлива работа која што може да им ја оставиме на нашите деца, нешто што не можат да го добијат од ниедно друго место се приказните кои ќе им ги раскажеме, рече на промоцијата авторката Баковска.