Промовирана книгата „Црквите и манастирите во кавадаречко“

Книгата „Цркви и манастири во кавадаречко“, од авторите Петре Камчевски и Весна Ѓорѓиева синоќа беше промовирна во Домот на културата во Кавадарци.

Станува збор за фотомонографија во која се документирани 65 верски објекти од кои 53 цркви, три манастири, три ранохристијански и две пештерски цркви. Во книгата се поместени проекти на кои е работено во изминатите триесетина години, а се однесуваат на црковното богатство од речиси 1.000 икони, старозаветни црковни книги, конзервации и реставрации на манастири и други цркви.

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов поздравувајќи го излегувањето на тоа дело, ја нагласи неговата важност. – Оваа локална власт и јас лично ги поддржуваме и понатаму ке продолжиме да ги поддржуваме проектите на Музејот во Кавадарци, нагласи Панов.

Тој досега посетил многу цркви во Тиквешијата и знаејќи го нивното значење, како што нагласи, помага тие да се одржуваат и заштитат од пропаѓање. Вети дека ќе настојува да го зачува споменот на црквите во овој крај, затоа што тие зборуваат за нас како луге и како народ.

Од името на Македонската православна црква, намесништвото во Кавадарци, се обрати архиерејскиот намесник Киро Ристов.

– Ние треба да градиме нови цркви, но да ги зачуваме и обновиме старите. Монографијата е можност да се информираат и странците, но и нашите Македонци за нашето црковно наследство, нагласи Ристов.

Д-р Викторија Поповска – Коробар, промотор на ова книга, го нагласи значењето на ова дело. – Книгата од Камчевски и Ѓоргиева, опфаќа период од 1.500 години христијанство и градителство, рече Поповска – Коробар. Таа спомна неколку црковни објекти од кавадаречко, каде се зачувани ретки посебности и вредности.

Весна Ѓорѓиева рече дека оваа фотомонографија е резултат на долгогодишно макотрпно работење на поранешни и сегашни вработени во Музеј галеријата. Им се заблагодари на градоначалникот, Советот на општината и Министерство за култура.

Пред присутните говореше и Камчевски, кој е директор на музејот и 36 години работи во музејската дејност. Посочи дека речиси 30 години преку разни проекти, се создава книгата „Цркви и манастири во Кавадаречко“.

– Преку разни конзерваторски и реставраторски работи, како на Полошкииот манастир и други црковни објекти, конзервацијата на над 1.000 икони, спасувањето и заштитата на голем број црковни книги и други црковни материјали, направено е многу за да се зачува црковното благо. Но, треба уште многу да се работи во иднина на ова проблематика. Треба да се интервенира на многу објекти за да се спасат од заборавот. Нашата црква и нашиот народ тоа го заслужуваат, нагласи Камчевски.