Промовирана лабораторијата за оптички комуникации на ФЕИТ

Премиерот Никола Груевски и деканот на ФЕИТ, професор доктор Миле Станковски, денеска, ја промовираа Лабораторијата за оптички комуникации во просториите Факултетот за електротехника и информатички технологии.

„Со деканот на ФЕИТ и со министерот за образование и наука ја промовиравме новата лабораторија, која веќе е акредитирана и се употребува за оценување на капацитетот и квалитетот на оптичките кабли. Лабораторијата ја користат студентите, научните кадри, професорите, но и стопанството, како што се Агенцијата за електронски комуникации, Македонскиот телеком, а се надевам во иднина и другите телекомуникациски оператори и сите компании кои работат со поставување оптички кабли“, рече премиерот Груевски.

Според него, оваа област, со децении, била запоставувана и било реткост да се инвестира во набавка на нови лаборатории за разлика од сега, кога се набавени 80 лаборатории и е инвестирано повеќе од 26 милиони евра за потребите на македонските универзитети и стопанството.

„Најголем дел од овие лаборатории, со вистинско менаџирање, се исплаќаат за три до пет години. Станува збор за одличен проект кој треба комерцијално да се искористи“, рече Груевски.

На промоцијата присуствуваа и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, проректорот и професор на ФЕИТ, Влатко Стоилков, професор Борислав Поповски, раководител на Лабораторијата за оптички комуникации при ФЕИТи други професори и гости.

Лабораторијата за оптички комуникации е дел од проектот на Владата на Република Македонија „Програма за опремување на лабораториите на државните високообразовни установи и јавни научни установи“.

Оваа лабораторија се користи во наставата, во истражувачката дејност и во соработката со стопанството преку која се утврдува квалитетот на постојните и оптичките мрежи кои ќе се поставуваат во иднина. Лабораторијата за оптички комуникации е дел од акредитираното Инспекциско тело на ФЕИТ за електротехнички уреди, инсталации и опрема.