Промовирана Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска ја промовираше Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија, чија цел е унапредување на соработката меѓу различните чинители во македонското општество кои креираат и спроведуваат политики и реализираат активности и проекти во сферата на медиумската писменост.

Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски рече дека Мрежата е формирана откако било констатирано оти инволвираните субјекти неретко зборуваат за потребата од зајакнување на соработката за да се постигнат подобри резултати, самоодржливост на веќе спроведените проекти и континуитет на активностите.

Поддршка за формирањето на Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија изрази и амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар, според кој медиумската писменост е особено важна за здрава демократија и за медиумските слободи и плурализмот. Медиумската писменост, како што кажа, е испреплетена со развојот на критичкото размислување на граѓаните и нивната способност да бидат во тек со технолошките и промените во општеството.

Обврските на сите чинители кои пристапиле во Мрежата се дефинирани во посебен Акт за формирање на Мрежата. Информациите за активностите и новостите ќе се објавуваат во квартални билтени кои ќе се дистрибуираат по електронска пошта, како и преку веб-страница посветена на медиумската писменост и преку социјалните мрежи. Мрежата ќе настојува да биде активна и на меѓународно ниво, а кога е возможно, новости ќе се објавуваат и во изданија на европски и меѓународни организации.

Мрежата има 34 основачи и тоа образовни установи, граѓански организации, медиуми и државни институции, меѓу кои и министерствата за образование и за труд и социјална политика. Мрежата е отворена за нови членови, кои можат да и пристапат со потпишување и депонирање пристапница.

На настанот беше најавен и првиот проект на Мрежата, кој е во тек и опфаќа подготовка на ДВД со материјали и информации за медиумската писменост, наменети за основните училишта во Република Македонија. Материјалите за ДВД-то се обезбедени од повеќе членки на Мрежата, а негова дистрибуција во училиштата ќе следи по добивањето согласност од страна на Бирото за развој на образованието и Министерството за образование. Во меѓувреме, Агенцијата отпечати леток со информации за медиумската писменост, кој ќе биде дистрибуиран заедно со ДВД-то, а ќе биде распространет и до пошироката јавност како една од активностите на Агенцијата за подигнување на свесноста на граѓаните за важноста на медиумската писменост.