Промовирана софтверската алатка за предикција на аерозагадувањето „ПМ Аларм”

29

Во рамки на активностите на Планот за чист воздух за 2020 година, денеска на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се одржа јавна презентација на софтверската алатка за предикција на аерозагадувањето „ПМ Аларм”.

„ПМ Аларм” e софистициран систем за прогноза на аерозагадувањето во Република Северна Македонија, развиен од научниците од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот во Виена – Австрија и Универзитетот во Сао Паоло – Бразил, поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија. Апликацијата врши моделирање на аерозагадувањето со вклучување на временската прогноза и сѐ уште е во развој и во фаза на подобрување на визуелизацијата. Таа овозможува 4-дневна прогноза за загадувањето на воздухот на територијата на државата.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули изрази огромна почит кон креаторите на ова решение, и се заблагодари на сите вклучени од Министерството за животна средина и просторно планирање, а особено на Агенцијата за електронски комуникации која го препозна и помогна реализирањето на овој проект.

-Од огромно значење е фактот што со својата посветеност, професионализам, знаење и креативна работа академската заедница сериозно се вклучува во обезбедување на апликативни научни решенија за информации и предикции за аерозагадувањето, кое што е еден од најактуелните проблеми во државата. Заедно со науката да работиме на решавањето на проблемите и справување со предизвиците кои не очекуваат, истакна Макрадули.

Апликацијата е достапна за сопствениците на iOS и Android уредите, но истата има и веб верзија (мапа) со временска оска, каде корисниците може да добијат визуелен приказ на загадувањето. Веб верзијата е достапна на aqf.finki.ukim.mk.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.