Промовирани новите 125 професионални војници

Новите 125 нови професионални војници беа промовирани на свеченоста во касарната „Илинден“, на кои министерката за одбрана Радмила Шекеринска им ги врачи договорите за работа.Ова е втора група војници која годинава го подмладува составот на Армијата на Република Македонија.

Шекеринска на новопримените професионални војници им посака добредојде во големото семејство на Армијата, каде заедно со своите постари и поискусни колеги, ќе бидат столбот на државноста и сувереноста на татковината.
Министерката порача дека по овој прием на 125 професионални војници, веднаш се пристапува кон објавување на третиот јавен оглас, со што оваа година ќе се заокружи приемот на вкупно 375 војници во редовите на АРМ.

За многумина политиката и искреноста се две паралелни линии кои никогаш не се допираат,но јас не се согласувам. Мислам дека без искреност, отвореност за проблемите, без транспарентност, не може да постои успех во решавање на ниту еден од тие проблеми и затоа од почетокот на оваа година се трудиме она што ќе го најавиме да го испорачаме. На почетокот токму на оваа година ветивме дека 2018 година ќе биде година на подмладување на составот на АРМ и дека во текот на годината ќе распишеме три огласи со кои Армијата ќе се засили со 375 нови професионални војници. Го одржавме зборот и во поглед на нашите стратешки приоритети“, рече министерката.

Во втората група од 125 професионални војници примени годинава, има 14 припаднички на женскиот пол, како и 23 граѓани на Македонија од Албанска, Турска, Бошњачка, Српска и Ромска националност. На свеченоста во касарната „Илинден“ присуствуваше и началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, заменикот- началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин и  државниот секретар во МО, Драган Николиќ.