Промовирани стандардите за управување со човечки ресурси

Во рамките на проектот „Поддршка на реформите на јавната администрација„, поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија, денес беше промовирано второто ревидирано издание на публикацијата „Стандарди за управување со човечки ресурси“.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, на почетокот на работилницата истакна дека човечкиот потенцијал претставува суштина на секоја институција и организација, па оттука неговото целосно вклучување во процесите овозможува индивидуалните и колективните способности да бидат употребени во корист на системот.

„Настојуваме вработените да се надградуваат во своето знаење, подобро и поквалитативно да ги познаваат и практикуваат административните процеси, а со цел да им пружат на граѓаните брзи и квалитетни услуги. Придонесот на вработените треба да биде исползуван преку нивната посветеност во креирањето на една професионална работна средина во која ќе постојат вредности за тимска работа, транспарентност и ажурност.„- рече министерот Ивановски.

Тој напомена дека на последната владина седница усвоени се  105 закони во кои што се врши прилагодување согласно насоките од законите за администрација во материјалните закони на државните институции. Тоа значи дека за сите регулаторни тела, комисии,  агенции, совети, надзорни одбори, управни одбори, бироа, управи и останати видови на државни институции се воведуваат критериумите за познавање на странски јазици, познавање на компјутерски вештини, психолошки тест и тест за интегритет.

Ивановски додаде дека содржините во публикацијата „Стандарди за управување со човечки ресурси„ претставуваат корисна алатка во работењето на одделенијата за човечки ресурси во администрацијата на сите институции во земјата, но истовремено имаат широка промена и во други општествени сектори.

„Ова ревидирано издание, кое се појавува четири години по првата публикација, во себе ги содржи истите заложби да бидеме посветени кон градење и развивање на ефикасна, професионална, одговорна и сервисно-ориентирана администрација. Администрацијата се води од принципот на ,,добро владеење“ и таа бара брзина, точност, одговорност, прецизност и квалитет на услугата. Тоа го очекуваат и граѓаните, односно да бидат задоволени нивните барања и потреби“, напомена министерот Ивановски.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, зборуваше за политиките и стандардите за управување со човечки ресурси во јавната администрација во Македонија, како и за практиките и предизвиците околу нивната примена. Едно од клучните прашања кое го покрена во своето излагање беше стремежот кон поефективна и граѓански ориентирана јавна служба, чија основа се наоѓа во новите административни закони.

„Со Законот за административни службеници целосно е предвидена постапката за вработување и условите за тоа, со што основниот критериум е квалитетот и стручноста. Од вработените ќе се бара да поседуваат соодветно образование, работно искуство, меѓутоа и компетенции кои се општи и посебни. Сите политички, лични и секакви други влијанија преку транспарентниот процес ќе бидат елиминирани.„- рече Арсовска Томовска.

На настанот се дискутираше и за современите трендови во управувањето со човечките ресурси, а беа разменети искуства од Велика Британија во оваа област за кои зборуваа  британскиот амбасадор Кристофер Ивон и неговиот заменик Кристин Винтерботом. Тие се осврнаа на улогата на единиците за човечки ресурси во Велика Британија, како и за позицијата на менаџерот како бизнис партнер.

Искуства споделија и претставници од Македонската асоцијација на човечки ресурси, Алкалоид АД Скопје, Централниот Регистар и од Министерството за информатичко општество и администрација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.