Промовираниот проект Е-инспекторати не е нов

Деновиве скоро во сите медиуми се пренесува веста дека започнува со реализација Проектот Е-инспекторати како пилот проект во Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат, што е секако за пофалба, но дали има и колкав е придонесот на актуелната власт во истиот?

Секако одговорот е познат, како и за се’ останато што е значајно, и во насока на унапредување на работењето и усогласување со европските практики, актуелната власт ниту може ниту знае да предложи, развие и дизајнира такво нешто.

Како врвот на нивниот успех и реформите кои ги спроведува во областа на Инспекцискиот систем е Проект кој е наследен и целосно развиен од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ како проект на Инспекцискиот совет во составот (2014 – 2017), а спроведуван преку министерството за Информатичко општество и администрација.

Реформата во Инспекцискиот систем меѓу која беше и Проектот Е-Инспекторати беше дел од целите на Стратегијата за Реформи во Јавната Администрација (2010-2015) во областа на подобрување на административните услуги за граѓаните и бизнисите преку воведување на модерни ИКТ решенија, и зајакнување на контролите и инспекцискиот систем и Акцискиот план за имплементација на Стратегијата за Реформи во Јавната Администрација усогласено со Националната Програма за Усвојување EU Acquis ревизија 2011 година а базирано на Е-стратегијата за Е-влада од 2005 година.

Инспекцискиот совет основан во јануари 2014 година, врз основа на Законот за Инспекциски надзор, меѓу повеќето функции имаше за цел и воспоставување на Електронски систем за администрирање на инспекциската постапка со вклучено планирање на надзорите, селекција на субјектите на надзор според ризик, селекција на инспектори за вршење на надзорите и воведување на систем за квалитативни и квантитативни критериуми за оценување на работата на инспектиорите. Врз основа на таквите цели беше поставена основата и беше започнат и завршен процесот на дизајнирање на Софтверското решение.

Во тој процес претходеше донесувањето на Методологиите за инспекциски надзор подржано преку проект спроведен од УСАИД – Проект за поддршка на развојот на инвестициите и извозот (2015 година), во кои беа дефинирани постапките, методите на спроведување на инспекцискиот надзор, потребните обрасци, начинот на генерирање на резултатите, плановите и извештаите согласно повеќе успешни модели од западно европски земји од тоа време.

Подоцна процесот на развој на потребните спецификации и потребните функции и модули врз основа на предлозите развиени во Инспекцискиот совет со помош на проект спроведен од УСАИД – Програма за подобрување на организациските перформанси за на крајот да се формира работна група во рамките на Инспекцискиот совет со учество на Софтверската компанија Nextsence Скопје, за разработка на софтверското решение.

Очигледно е дека процесот кој претходи, за така најавуваниот проект за Е-инспекторати како некакво големо достигање на Актуелната власт на чело со СДСМ, всушност да ти бил готов спремен и целосно развиен проект на ВМРО-ДПМНЕ. Се поставува прашањето, што тоа Инспекцискиот совет и вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски сработиле сами во подобрување на Инспекцискиот систем а не било оставено на тацна, како готови и развиени решенија. Напротив во Инспекцискиот систем воведоа измени со кој го нарушија концептот на непристрасност и објективност и независно следење и оценување на учинокот на работата на инспекторите. Со последните измени на Законот за инспекциски надзор се укина улогата на Инспекцискиот совет како независен орган да спроведува дисциплински постапки против инспекторите за неетичко, нестручно и несовесно работење. Сега таа улога се довери повторно на директорите на инспекторатите во рамките на Законот за административни службеници заради барањата на коалиционите партнери кои се вдомија на директорските позиции во инспекторатите, со цел да можат да ги задоволат лукративните и тесно партиски интереси.

Автор: дипл.инг. Александар Брезовски, поранешен член на Инспекцискиот совет за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.