Пронајден разбојникот кој однесе плен вреден 420.000 евра од струшка златара

Триесет и седумгодишен жител на струшкото село Радолишта е осомничен дека заедно со уште четири лица го извршил разбојништвото во златарата „Циркон“ во Струга пред три дена при што беше украден златен накит вреден околу 420.000 евра.

Полицијата успеала да го открие разбојникот по автомобилот што по разбојништвото беше пронајдени во близина на македонско-албанската граница, а кој П.Д. специјално го преправил за грабежот.

„Неколку дена пред извршувањето на делото П.Д. од лице од Радолишта купил патничко моторно возило марка „Ауди-100“ без регистарски таблици при што побарал да бидат извршени неколку измени-сечење кај задното седиште, отстранување на плочката и бројките од шасијата, отстранување на каишите за врзување, затемнување со црн спреј на стаклата од автомобилот како и ставање на лажни регистарски таблици“, се вели во информацијата од полицијата

На разбојникот му е одреден притвор од 30 дена. Полицијата информира дека П.Д. веќе има криминално досие за слични кривични дела.