Пронајдена бомба во поштенското сандаче на Сорос

Во поштенското сандаче пред куќата на познатиот магнат Џорџ Сорос е пронајдена бомба, соопшти полицијата, а како што пренесе Њујорк тајмс, бомбата е детонирана во блиската шумска околина.

Сорос е мета на непријателски медиумски кампањи на владејачката гарнитура во неговата родна Унгарија и е непожелна фигура за десничарите во Источна Европа и САД.

Според соопштението на полицијата од Бедфорд, властите добиле телефонска пријава за сомнителен пакет на адресата на Сорос, на неговиот имот во округот Вестчестер, северно од Њујорк.

Вработен на имотот го отворил пакетот и открил дека има сомнително експлозивно средство.

Потоа го однел предметот во блиската шума и ја повикал полицијата.

Полициски техничари пристигнале на местото на настанот и ја активирале бомбата, рече претставник на полицијата за Њујорк Тајмс.

Како што се дознава, Сорос, кој живее на таа адреса, во тоа време не бил дома.

Неговата фондација Отворено општество, која им помага на прогресивните движења и поединци, на почетокот од октомври се преселила од Будимпешта во Берлин.

Сорос, американо-унгарски милијардер, роден во Унгарија во 1930 година, го преживеал Холокаустот, а потоа емигрирал во САД. Тој и фондацијата Отвореното општество се мета на остри критики на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата десничарска влада. Орбан, меѓу другите, без никакви докази го обвинува Сорос дека е одговорен за бегалскиот бран во Европа.

Минатото лето, Будимпешта донесе закон со кој им се наметнуваат такси на странските организации кои им помагаат на бегалците, многу од нив имаат поддршка од Отворено општество.

Фондацијата потоа одлучила да ја напушти Будимпешта и да замине во Берлин поради „сè порепресивното политичко и правно опкружување во Унгарија“. На својата веб-страница наведува дека нејзината мисија е „изградба на активни и толерантни општества чии влади се одговорни и отворени за учеството на сите луѓе“.