Украдената слика од музејот во Ротердам, Холандија, позната како „Главата на Арлекин“ (Tête d’Arlequin) на Пабло Пикасо, е пронајдена во Романија, соопштил вчера романскиот јавен обвинител.
Во една од најдраматичните кражби во историјата на уметноста, беа украдени седум познати дела со вредност од над еден милион евра. Во 2012 година, за само три минути, од Музејот на Уметноста во холандскиот град Ротердам (Rotterdam’s Kuntshal) биле изнесени слики од познати историски уметници како Клод Моне, Анри Матис, меѓу кои и вредното дело на Пикасо.
Романските обвинители за борба против организираниот криминал ги истражуваат околностите под кои била најдена сликата потпишана од Пабло Пикасо. Според нивната изјава, сликата е најдена во областа Тулча, при што е потврдена нејзината автентичност со проценета вредност од 800.000 евра.
Ова е чекор напред во долгогодишната истрага, бидејќи до сега ниедно дело украдено од ротердамскиот музеј не е најдено. Од друга страна истражителите се сомневаат дека неколку од украдените уметнички дела се изгорени, и тоа барем три, во обид да се прикријат доказите од вредната кражба.