Пропадна тендерот за надзор врз градбата на автопатите, вреден 22,6 милиони евра, поради неплатена банкарска гаранција од 2,6 милиони евра

Партнери во бизнисот за надзор врз градбата на автопатите вреден 22,6 милиони евра навремено не доставиле банкарска гаранција. Тендерот што сега е поништен го добија велешка фирма „Институт за патишта ДООЕЛ“ основана со 5.000 евра и хрватскиот Институт ИГХ чија специјалност е токму надзор врз вакви комплексни инфраструктурни проекти, пишува Фактор.

Јавното претпријатие за државни патишта го поништи тендерот на кој за надзор врз изградбата на новите автопати беа избрани фирми од Хрватска и од Македонија. Раководството на ЈПДП за „Фактор“ соопшти дека постапката е поништена и договорот што беше потпишан минатата недела е ништовен затоа што добитникот на тендерот не доставил банкарска гаранција на износ од 2,6 милиони евра.

Договорот беше склучен на 3 август годинава помеѓу ЈПДП и фирмата носител на групата понудувачи „ИГХ Институт“ од Загреб. Вредноста изнесувала 22,6 милиони евра, а во информацијата што ИГХ Институт ја доставил до Загребската берза пишува дека таа на тендерот настапила заедно со македонска фирма со назив „Институт за патишта“ со седиште во Велес.

Интересно е да се напомене дека македонската фирма, според информацијата што ја објави ИГХ на Загребската берза, во тендерот учествува со 13,8 евра наспроти носителот на набавката ИГХ Институт кој требаше за својата работа да добие 8,7 милиони евра.

Особено интересно е тоа што македонската фирма „Институт за патишта ДООЕЛ“ Велес е основана со влог од 5.000 евра и за неа нема достапни финансиски податоци. Сопственик е гевгеличанецот Сотир Ампов, за кого дознавме дека по струка е економист и дека е етаблиран сметководител. Базата на податоци за јавни набавки покажува дека оваа компанија досега добила два тендера од ЈПДП минатата година. И двата се за надзор врз градба на објекти со кои оперира јавното претпријатие. Првиот е за изградба на регионален пат, а вториот за надзор врз поставување електронски систем за наплата на патарина. Неофицијално дознавме дека има искуство во работа со градежници зашто бил прилично ангажирана со грчки „Актор“ при изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Велешката фирма „Институт за патишта ДООЕЛ“ е регистрирана со дејноста техничко испитување и анализа.

Хрватската фирма ИГХ Институт постои повеќе од 70 години и нејзина специјалност е конслатинг, надзор и анализи при изградба на објекти. На нивната веб страница пишува дека оваа компанија има лаборатории кои се акредитирани за 500 методи на различни испитувања.

Нема детална инормација за тоа зошто партнерите затаиле со предавање на банкарската гаранција, а подолу е интегралниот одговор на ЈПДП чија транспарентност е за пример затоа што информацијата ја доставија истиот ден:

-Во врска со вашите прашања ве известуваме дека Јавната набавка за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d беше спроведена согласно со Закон за јавни набавки и имаше објава на тендер, постапка, евалуација и избор на најповолна понуда. Со оглед на фактот што по извршениот избор најповолниот понудувач не го испочитува рокот за достава на Банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d.кој беше до 05.08.2022 година со што ја прекрши Изјавата за сериозност, договорот нема правно дејство и можност за реализација. Имено, иако Договорот е потпишан од двете страни тој не е стапен на сила од причина што во објавената тендерска документација е наведено дека за оваа постапка е предвидена Банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот од 10% од вкупната вредност на договорот со вклучено ДДВ и во Посебните Услови на Договорот е наведено дека основен услов за ефективност на договорот е доставување на банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот. Оттука, не е доволно избраниот понудувач само да го потпише договорот, туку истовремено треба да достави и Банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот, односно согласно со член 116 став 2 од Законот за јавните набавки договорот за јавна набавка се склучува согласно со условите утврдени во тендерската документација и понудата. Врз основа на наведеното, како и врз основа на член 101 став 6, алинеја 4 од Законот за јавни набавки од причина што избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди Банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот, а истата е предвидена во објавената тендерска документација, на 9.8.2022 година, донесена е одлука за поништување на постапката.