Пропадна уште еден обид за договор за СЈО

77

Министерството за правда ги одби новите верзии на амандманите на ВМРО ДПМНЕ за предлог законот за јавно обвинителство испратени изминатиот викенд. Од Правда велат амандманите се неприфатливи, клучните разлики остануваат ненадминати.

„Викендот од ВМРО-ДПМНЕ испратија повторно материјали, но клучните разлики остануваат. Материјалите не беа во согласност со европските препораки за отворање на преговорите. Разговорите ќе продолжат“, велат од Министерството за правда.

ВМРО ДПМНЕ останува на своите позиции дека Специјалното јавно обвинителство, чие идно функционирање се уредува со овој закон, треба да биде одделение во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но само со мандат додека траат тековните судски процеси.

Според опозицијата, СЈО не може да ги истера до крај истрагите кои ги има отворено по истекот на рокот од 18 месеци односно по 30-ти јуни 2017 година бидејќи тоа би било спротивно на законот со којшто се формирање оваа институција.

Исто така, во ВМРО ДПМНЕ сметаат дека „бомбите“ во иднина не треба да бидат користење за отворање на нови истраги, додека власта со законското решение предлага истите да се користат како индиции.

За СДСМ предлозите на ВМРО ДПМНЕ се барања за амнестија.

„Секако морам да напоменам дека имаме јасно определени критериуми, а тоа не смее никако да оди на штета на правната држава, туку напротив законот за јавното обвинителство треба да биде во функција на самата правна држава, за жал од она што можеме да го слушнеме од страна на преговарачките тимови е тоа дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека јасно и недвосмислено бара амнестија за сите криминалии на претходната власт“, вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Двете страни велат дека разговорите за предлог законот ќе продолжат, но се уште не е закажана нова средба на работните групи на власта и опозицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.