Просечниот вработен во Европа троши 18 минути дневно на електронска пошта

Просечниот вработен Европеец, кој користи компјутер на рабтното место, троши 18,4 минути дневно испраќајќи и примајќи електронска пошта, со голема временска разлика меѓу вработените во јужните медитерански земји и северните земји на Бенелукс.

Така, вработените на медитеранскиот остров Малта поминуваат 55 минути, додека во Луксембург трошат нешто повеќе од 2 минути дневно во електронска кореспонденција, покажа истражувањето на софтверската компанија „DeskTime“ од Рига.

Од земјите во ЕУ од регионот, хрватските вработени поминуваат речиси 14 минути дневно во официјална деловна електронска кореспонденција. Со тоа Хрватска е на средината, на 15-то место меѓу 30-те земји вклучени во истражувањето, кое беше спроведено во ноември на повеќе од 11.000 вработени ширум Европа.

Драстичните разлики меѓу северот и југот на Европа се објаснуваат со воведувањето на нови комуникациски технологии кои станаа многу популарни во северните земји за време на пандемијата на коронавирус.

Така, за време на пандемијата, компаниите во земјите на Бенелукс – Белгија, Холандија и Луксембург, како и Австрија, Швајцарија и Германија – почнаа значително да ги користат новите алатки Teams, Zoom, Slack и PhpStorm за комуникација меѓу вработените и со други компаниите, и како резултат на тоа тие ја намалија класичната преписка со електронска пошта.

Од друга страна, пак, јужните медитерански земји не почнаа масовно да ги користат овие нови алатки. Поради оваа причина тие сѐ уште многу користат електронската пошта, а покрај неа најмногу ги користат и постарите алатки за комуникација Skype, MS Outlook и Google Docs.

„Компаниите на глобално ниво го усвоија далечинското или хибридното скратено работно време од дома. Во исто време воведоа различни алатки и апликации во нивната секојдневна рутина“, вели Артис Розенталс, извршен директор на „DeskTime“.

„Порано главно средство за комуникација им беше електронската пошта, но сега користат поефикасни алатки во внатрешната и надворешната комуникација бидејќи заштедуваат време“, додава тој.

Авторите на истражувањето наведуваат дека од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, состаноци и видео-конференциите се одржуваат со помош на алатки како Teams и Slack, така што комуникацијата е побрза, а електронската пошта се користи помалку.

Во „DeskTime“, основана во 2011 година во главниот град на Латвија, компанија која се занимава со следење на продуктивноста во компаниите, исто така, комуницираат и преку различни апликации, меѓу кои и Teams, од американскиот производител „Microsoft“.

„Значи, ми остана малку причина да отворам е-пошта во текот на работниот ден“, вели Розенталс.

А сепак, во Латвија, просечниот вработен троши 36 минути на кореспонденција преку еелектронска пошта. Ова е само нешто помалку од Грција и Шпанија, каде работниците поминуваат меѓу 36 и 38 минути, што ги става на второто и третото место во Европа, веднаш по Малта.

Вработените во Австрија, Швајцарија, Белгија и Холандија поминуваат меѓу 3,67 и 6,11 минути за испраќање и примање електорнска пошта и се на дното на табелата, заедно со Луксембург.

Истражувањето е спроведено меѓу вработени кои поголемиот дел од своето време го минуваат на компјутер во нивните занимања.

Истражувањето, исто така, покажува дека вработените во Европа трошат 33 отсто помалку време за испраќање електорнска пошта отколку вработените во САД. Европски вработен дневно троши 18,42 минути, а Американец 27,23 минути на електронска пошта.

„Ова укажува на можна разлика во начинот на комуникација на работното место, културата и навиката за користење електронска пошта во двата региона“, вели Розенталс.

Но, исто така, во САД од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот на почетокот од 2020 година, вработените повеќе користат апликации како Teams и Slack, што доведе до помала употреба на електронската пошта.

Во 2019 година, американските вработени минувале во просек повеќе од 300 минути (пет часа) дневно во кореспонденција преку електронска пошта, објави тогаш софтверската компанија „Adobe“. Во ноември 2022 година, тие потрошиле нешто повеќе од 27 минути, според „DeskTime“ врз основа на неговото истражување.

Во 2017 година, „Microsoft“ ја лансираше апликацијата Teams на пазарот, која ја користеа два милиона луѓе во тоа време. Во 2022 година, бројот на корисници се зголеми на 270 милиони, според податоците на овој американски технолошки гигант.