Проштална средба на евроамбасадорот Орав со вицепремиерот Адеми

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми на денешната проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Аиво Орав му се заблагодарил за неговиот ангажман и поддршка за време на неговиот мандат, се наведува во соопштенито од Секретаријатот за европски прашања.

Беше истакната соработката и партнерството што евроамбасадорот Орав ги негуваше со Секретаријатот за европски прашања во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, како и користењето на ИПА и другите ЕУ фондови, се додава во соопштението.

Адеми му посакал успех на Орав на неговата нова позиција со надеж дека и понатаму ќе остане пријател и поддржувач на нашата земја.

Соговорниците го поздравиле постигнувањето на политичкиот договор  меѓу политичките партии и се согласиле дека сега е круцијална целосната имплементација на договореното, посочувајќи дека и натаму останува важноста на спроведувањето на Итните реформски приоритети низ инклузивен процес.

За време на средбата вицепремиерот Адеми истакнал дека и покрај тоа што Европската унија се соочува со сериозни предизвици како Брегзит, настаните во Турција, последните терористички напади во Ница во Франција и продолжената мигрантска криза кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции и земјите членки, тоа не би требало да се одрази на процесот на проширувањето и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Во таа насока Адеми нагласил дека Македонија треба да се третира како дел од политичката мапа на Европската унија, од економски, геополитички причини, но исто толку ако не и поважно од безбедносни причини и обезбедување на стабилност на југоистокот на Европа.

На крајот од средбата вицепремиерот Адеми потенцирал дека од суштинска важност е да ја задржиме препораката за отворање на пристапните преговори бидејќи, како што додал, Република Македонија нема друга алтернатива освен целосна евроатлантска интеграција.