Протест на лозарите на патот Градско – Прилеп

Со двочасовна блокада на патот Градско – Прилеп, кај селото Росоман, тиквешките лозари попладнево го изразија својот револт од ниските откупни цени на грозјето. Побараа од министерот за земјоделство поголем слух за нивните барања.

На протестот ненајавено се појави и министерот Трајан Димковски. Во разговорите се вклучи и членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Цветан Трупуновски, кој рече дека дошол да им даде поддршка на лозарите. Тој го замоли министерот да си оди и да ги остави земјоделците да си протестираат.

Министерот Димковски вели дека е подготвен со лозарите да разговараат за закон за грозје, но дека цената ја одредува пазарот, а најниската откупна не може да е помала од производната. Најави дека поради ниските цени кои ги нудат винариите, интервентна субвенција ќе има и годинава и таа ќе биде повисока од ланскиот 1 денар по килограм.

Денешниот протест го организираше регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“. Забележливо беше дека на него ги немаше членовите на здружението „Напредни лозари“, кои ги организираа претходните протести на плоштадот во Кавадарци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.