Протест на професорите од средното хемиско училиште поради назначување на Албанец за директор

Градоначалникот Шилегов со став дела според законот, кога треба да се донесе решение за именување директор се консултира училишниот одбор, а за в.д. директор, Град Скопје нема обврска да го консултира одборот.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека не е нарушен образовниот процес со тоа што вчера за нов в.д. директор на средното хемиско-технолошко училиште „Марија Склодовска-Кири“ назначил Албанец, што денеска предизвика бојкот на наставата од професори и ученици од македонските паралелки.

Тие претпладнето дојдоа на училиште, но не одржуваат часови, најавувајќи дека бојкотот ќе го продолжат и во наредните денови.

Незадоволни се од тоа што одлуката била донесена без нивно занење и консултација, а револтирани се од тоа што по именувањето на в.д. директорот на социјалните мрежи, наводно, се појавиле коментари: „победивме, го зедовме Хемиско“.

Шилегов во одговор на новинарско прашање појасни дека според законот, кога треба да се донесе решение за именување директор се консултира училишниот одбор, а за в.д. директор, како што рече, Град Скопје нема обврска да го консултира одборот.

-Тоа не дава право никому, особено не на наставниот кадар, да изразува револт на таков начин. Повикувам да ги нормализираат односите и процесот на образование, бидејќи не ни е потребно преземање и правење ситуација онаму каде што навистина нема простор, рече Шилегов.

Прашан за коментар во врска со бојкотот на македонските паралелки во ова средно училиште, министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска на средбата со новинарите рече дека не е информиран детално, но нагласи дека во образованието не треба да се креираат тензии и поделби.

-Треба да сме заинтересирани за квалитетот на образовниот процес. Не ни треба ниту триумфализам, освен посветеност за реализација на квалитетен образовен процес. Ако има простор за каква била одговорност, ќе ја побарам. Но, бидејќи не сум во детали информиран, можеби е потребна средба со наставниците и со сите засегнати страни во овој случај, рече Адеми, додавајќи дека не добил барање од училишниот одбор од каде што барање за средба пратиле и во Владата и во Град Скопје.

Назначениот в.д. директор е од професорскиот кадар од наставата на албански јазик во училиштето.