Предупредувачки протест за време на паузата од 12 до 12:30 часот одржаа денеска вработените на Царинската управа. Тие бараат додатокот на плата од 30 проценти кој веќе го имаат во Колективниот договор. Исто како и вработените во УЈП, според Законот за буџети, ова право им следува, велат вработените. Доколку нема слух од Министерството за финансии, тогаш од понеделник ќе се договара дали протестите ќе се радикализираат.
„Министерството и сите органи добија додаток на плата од 30 проценти, иако и Царина е под капа на финансии и се надевавме дека конечно ќе го добиеме додатокот, но одговорот беше негативен“, изјави Трпе Деаноски- Претседател на УПОЗ.
Пред Царина се појави и новиот директор Стефан Богоев, кој рече дека не може да им вети решение зашто требало да се запознае со проблемите.
„Јас сум неполни 24 часа на позицијата, излегов да поканам претставници на синдикатот да дојдат, да ми ги кажат детално барањата кои ги имаат како вработени и синдикат“, рече Стефан Богоев- Директор на Царинска управа.
Покрај цариниците, вработените на УЈП втор ден од 10 до 12 часот ги затвораат вратите за граѓаните, одржувајќи протест со исто барање, повисоки плати за 30 проценти. Од синдикатот велат дека револтот кај вработените во администрацијата расте, па од понеделник можно е на протестите да се приклучат и вработените во обвинителството, судовите, центрите за социјална работа и други јавни институции.