Протест на земјоделците во Грција, со трактори на автопат

Земјоделците во Грција денеска започнаа протест и со нивните трактори веќе се наоѓаат на автопатот Солун-Атина во близина на градот Лариса, без притоа да биде прекинат сообраќајот, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестот започна во 14 часот, а според локалните медиуми, големо е полициското присуство за да се спречат земјоделците да постават блокада на автопатот и да го прекинат сообраќајот, па така, неколку часа траеле преговорите со полицијата, која попладнево им дозволила да стигнат до автопатот, но да остават отворена една од лентите за сообраќај.

Медиумите од Лариса пишуваат дека собрани се околу 300 трактори, поставени на левата и десната лента од автопатот, а земјоделците очекуваат дополнително да се зголеми учеството.

Земјоделците преку протестот, меѓу другото бараат намалување на трошоците за производство, нафта без данок, субвенција за сточна храна итн.

Паралелно, министерот за земјоделство и храна на Грција Спилиос Ливанос, претпладнево соопшти седум мерки во висина од 170 милиони евра за поддршка на земјоделците, со цел намалување на производствените трошоци во примарниот сектор.