Протест „Правда за Никола Христовски“, најавен за в понеделник

На социјалната мрежа Фејсбук се појави најава за настан под мотото „Правда за Никола Христовски-Жолт картон за системот“, посветен на младиот кошаркар Никола Христовски, кој беше убиен минатата година на 14 август, во скопската населба Ново Лисиче.

Собирот според најавата на Фејсбук треба да се одржи на 15 јуни, понеделник кај јарболот на раскрсницата помеѓу булеварите Јане Сандански и Србија со почеток од 18 часот.

Денеска А.Т.(18) од Скопје беше осуден на три години казна затвор за убиство на 17-годишниот Никола.

„Да излеземе сите заедно. Во чест на еден прерано згаснат живот. Во чест на нашиот брат, Никола Христовски – Кољо.
Да покажеме дека овој трул, нефункционален и заробен систем НЕ функционира.
Да го кренеме нашиот глас против нанесената неправда, против системот кој не казнува убиство.

Ова е ПОВИК ЗА ПРАВДА. Повик на кој треба да одговори секој чесен човек кој ја гледа иднината во оваа земја. Секој кој сака барем малку да придонесе за да види темелни и сериозни реформи на нефункционалниот систем.

Во понеделник.
18 часот.
Раскрсницата помеѓу бул. „Јане Сандански“ и бул. „Србија,

БАРАМЕ ПРАВДА ЗА НИКОЛА ХРИСТОВСКИ – КОЉО.
БАРАМЕ ДА СЕ ВОСПОСТАВИ СИСТЕМ КОЈ ЌЕ СТАВИ КРАЈ НА УЛИЧНИТЕ УБИСТВА“, стои во објавата за настанот.