Денеска во 17 часот жителите на Аеродром и Скопје ќе излезат на протест пред зелената парцела кај „Мајчин дом“, која денеска беше оградена за да почне изградба на висококатница.
Иако настанот беше најавен на социјалните мрежи, тој е избришан од неразјаснети причини, информираат од иницијативите за заштита на зеленилото и за воздух во најзагадената скопска општина.
Појаснуваат дека протест ќе има, и ги повикуваат сите жители на Скопје да дојдат и да дадат своја поддршка против бетонирањето на градот.
Вчера околу пладне градежната механизација влезе на зеленилото и покрај бројните протести на жителите, но и предизборните ветувања дадени од градоначалникот Златко Марин дека парцелата нема да се чепка. На неа веќе се поставени тараби. Градежната дозвола, како што стои на таблата на оградата, е издадена во време на референдумската кампања.