„Протест против убиството на онкологија“: Дали поранешна директорка на онкологија е дел од шемата за крадење лекови?

Дали поранешна директорка на онкологија е дел од шемата за крадење лекови, е прашањето кое денеска преку социјалната мрежа Фејсбук го постави Организацијата Протест против убиството на онкологија, од каде повикаа сите граѓани да им се придружат на протестот во понеделник, кој ќе се одржи од 18 часот пред Влада.

Подолу е целото соопштение на организацијата:

„До нас, како неформална организација, пристигнаа информации од пациенти кои биле уценувани да го купат лекот на приватно за да добијат потпис од директорот на Онкологија. Како што констатира и ревизијата на Клиниката за онкологија, за време на директорот Нино Васев немало никакви критериуми кој пациент да го добие лекот и единствено кој одлучувал бил токму директорот Васев. Сведоштва на пациенти говорат дека голем број биле оставени на милост и немилост од потписот на Нино Васев.
Според нашите информации, во шемата каде пациентите плаќале и до 4.000 евра лек, била инволвирана и поранешна директорка на Клиниката за Онкологија. Оваа директорка во минатото добила кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“ поради предизвикана штета на Клиниката за онкологија од неколку милиони евра. Најстрашното е што токму оваа директорка сеуште работи на Клиниката за Онкологија!‼️Бараме Основното јавно обвинителство на чело со Јовевски да обзнани дали воопшто истрагата за поранешната директорка резултирала со судска пресуда, како и да се отвори истрага за овие наводи кои пристигнаа до нас. Исто така, го повторуваме нашиот ултиматум во рок од една недела ОЈО да излезе со детали до каде е истрагата, со цел повторно одредени партиски ликови да не бидат заштитени од кривичен прогон.
Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестот во понеделник, кој ќе се одржи од 18 часот пред Влада“, стои во објавата на Организацијата Протест против убиството на онкологија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.