Протест во Берн против доаѓањето на Трамп во Давос

Повеќе стотици приврзаници на антикапиталистичкото движење во саботата мирно протестираа во Берн против доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум (СЕФ – WEF) во Давос, пренесува агенцијата AFP.

Носејќи транспаренти на коишто пишувало „Се бориме против СЕФ, Трамп и капитализмот“, „Нема иднина за капитализмот“ или „Убијте го Трамп со неговото оружје“, демонстрантите негодувале и против одржувањето на форумот на кој присуствува деловната и политичка елита во Давос кој се одржува од 22-ри до 26-ти јануари во ова гратче во кантонот Граубуден на западот од Швајцарија, а на кој е најавено присуството и на македонскиот премиер Зоран Заев.

Иако властите предупредија на опасност од „поголеми судири“ на собирот во саботата, кој инаку локалните власти не го одобриле, поворката била мирна и не регистриран ниеден инцидент до саботата вечерта, јавува швајцарската новинска агенција ATS.

„Светскиот економски форум (во Давос) сака да биде платформа за изнаоѓање конструктивни решенија за светските проблеми… Но СЕФ е и останува место на коешто се разговара за воведување на неолибералната агенда“, истакнува антикапиталистичката организација RJG, којашто е организатор на протестите во саботата.

Белата куќа објави во вторникот дека американскиот претседател, Доналд Трамп, , како прв по речиси две децении планира да дојде во Давос, каде што секоја година се собираат истакнати личности од светот на политиката и економијата и разговараат за политиката, економијата и трговијата.

Американските преседатели редовно го избегнуваа форумот во Давoс, бидејќи не сакаа да се поистоветуваат со сликата на политикита и богатството коешто е во фокусот на атмосферата којашто преовладува на овие собири. Приот и последниот американски претседател кој учестваше на Светскиот економски форум во Давос беше Бил Клинтон во 2000 година. Еден од неговите претходници, Роналд Реган, неколкупати учествуваше преку видео врска, а Буш постариот и помладиот и Барак Обама никогаш и на никој начин не беа вклучени.

Со петицијата „Трамп, не сте добредојдени, држете се подалеку од Давос“, која во средата ја покрена швајцарската организација Campax до саботата се собрани околу 13 илјади потписи против присуството на американскиот претседател кој инаку своите политики ги темели на национализам и антиглобализам.

Друг протестен собир против доаѓањето на Трамп во Давос треба да се одржи на 23-ти јануари навечер во Цирих.