Протест во Кабул поради воведената забрана за студирање за жените

Педесетина жени се собраа денес пред Универзитетот во Кабул за да протестираат против одлуката на талибанските власти да им забранат на жените да студираат.

Вооружени стражари спречија стотици млади жени да влезат во универзитетските кампуси од 21 декември, еден ден откако министерот за високо образование накратко објави наредба „за суспендирање на образованието на жените до понатамошно известување“.

Како што јави Ројтерс, жените протестираа, држејќи транспаренти со порака „Образованието е наше право, универзитетот треба да се отвори“.

Претходниот ден протестираа и студенти од Универзитетот Нангахар, а машките ја покажаа својата поддршка со откажување од испитите, бидејќи на нивните колешки не им беше дозволено да полагаат.

Талибанските власти во земјата претходно оваа недела им наредија на жените ширум земјата да престанат да посетуваат приватни и јавни универзитети, што стапи веднаш на сила и ќе трае неодредено време.

На жените претходно им беше забранет влез во спортски сали, јавни бањи и забавни паркови.

Талибанците се вратија на власт во Кабул на 15 август, по хаотичното повлекување на странските трупи предводени од САД, со што заврши 20-годишната војна во Авганистан. Тврдокорната исламистичка група тогаш вети помалку строги правила отколку во претходниот мандат, од 1996 до 2001 година, велејќи дека ќе ги почитува обврските за човекови права, вклучително и правата на жените.

Меѓутоа, времето покажа дека правата на жените во Авганистан се дерогирани.

Во септември 2021 година, талибанците одлучија дека жените можат да посетуваат универзитети, но со посебни влезови и училници од мажите. Беше кажано и дека може да им предаваат само професори од ист пол или постари лица. Хиџабот е дел од задолжителниот кодекс на облекување. Иако средните училишта за девојки требаше повторно да се отворат на 23 март 2022 година, талибанците ја поништуваат директивата, а десетици илјади тинејџерки се затворени и им е наредено да останат дома.

Врховниот водач на талибанците Хибатула Ахунџада во мај им нареди на жените целосно да се покриваат во јавност, вклучувајќи го и лицето, и главно да седат дома. На жените исто така им е забрането да патуваат меѓу градовите без машка придружба.

Талибанските борци претепаа демонстранти кои на 13 август пред Министерството за образование во Кабул извикуваа „леб, работа и слобода“, а апсеа и тепаа новинари кои известуваа за протестите.