Протест за подршка на протераниот руски дипломат

Стотина граѓани скандираа „Русија“ попланево пред амбасадата на Руската федерација за да му изразат подршка на протераниот руски дипломат, кој вчера со семејството си замина од Македонија по барање на Владата.
На собирот, организиран од Јанко Бачев од партијата Единствена Македонија присуствуваше и рускиот амбасадор Олег Шчербак. Тој излезе пред амбасадата и изрази благодорност за поддршката и за чувството на правда кое присутните го покажале.

-Сакам да Ве уверам во јасната одлука на македонскиот народ дека тој сака да биде дел од Евроазиската унија. Во ЕУ и НАТО сакаат само одредени и корумпирани Македонци кои се платени со странски пари. Ние веруваме во Сојузот со Русија, а веруваме во Вас. Очекуваме овој сојуз да се оствари. Македонскиот народ не сака во ЕУ, таму сака само оваа марионетска власт- порача Бачев.

Шчербак, кој  минатата недела на прес-конференција кажа дека Македонија направила непромислен потег очигледно донесен под притисок од надвор, изјави дека Русите и народот на Македонија се поврзани со вековни врски.

-Ние ја признаваме Македонија под уставното име, а го признаваме и вашиот територијален интегиритет и независноста на земјата. Со големо жалење морам да кажам дека Македонија се приклучи кон анти-руската кампања која ја спроведуваат неколку држави, а тоа го направи без да истражи. Избрзано, повикувајќи се на лажното чувство на солидарност кон Велика Британија, донесе одлука за протерување на рускиот дипломат кое се случи вчера. Овој чин е преседан, а нанесува голема штета на билатералната соработка. Русија согласно со меѓународните норми мораше да преземе мерки- рече Шчербак.

Владата минатата недела донесе одлука за протерување на еден руски дипломат во солидарност со Велика Британија во врска со случајот „Скрипал“, а министерот за надворешни работи кажа дека рускиот дипломат имал активности надвор од неговиот мандат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.