Граѓаните ќе покажат дека Македонија се буди

СДСМ и Зоран Заев го штитат криминалот, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните на кои оваа ненародна власт единствено им донесе чемер и јад.

Нема правда за малолетникот кој за влакно и побегна на смртта откако беше крвнички избоден со нож среде бел ден во Центарот на Скопје. Нема правда бидејќи двајца од сторителите за делото поминаа речиси неказнети, а третото лице исчезна во текот на истражната постапка.

Со ова СДСМ уште еднаш докажа дека за некои во Македонија законите не важат. Чиј пријател или роднина е третото лице кое исчезна се уште не се знае.

Правдата не ги стигна ниту сторителите на грозоморното убиство на Никола Саздовски кој беше кукавички претепан на автобуска постројка. Власта го крие третиот напаѓач, на Саздо како што го криеше третиот напаѓач на  прободениот малолетник.

Роднините и родителите на младиот Мартин Јанушев уште чекаат Спасовски да ги изведе неговите убијци пред лицето на правдата како и десетици други кои изминатата година дена ги загубија своите животи или пак беа брутално нападнати, откако СДСМ ја превзеде власта во Македонија. Овие млади луѓе се жртви на концесиите на Заев кон криминалното подземје и неговата коалиција со криминалот во државата. Родителите се плашат за животите на своите деца, граѓаните се исплашени, а СДСМ дополнително ја влоши безбедносната состојба на граѓаните откако на улиците пушти 800 криминалци.

Во состојба на страв и агонија кај граѓаните, Заев не губи време и непоштедно ги распродава македонските национални интереси. Заев својата неспособност ја прикажува како победа, а на не поминати недела дена од смртта на  Саздо, прави прослава за најголемиот исторски пораз за Македонија во модерната историја.

Заев се откажа од се што е македонско, иако се колнеше во своите деца дека нема никогаш да го направи тоа. Се откажа од името, јазикот, идентитетот, историјата и културата, од Македонците во соседството, а за возврат не доби ништо. Нема покана за старт на преговорите со ЕУ, нема покана за НАТО.

Време е народот да си ја врати државата и да му каже едно големо не на овој ненароден картел на власт. Одлична шанса сите сплотено на Заев да му  кажеме дека Македонија ќе победи е денешниот протестен марш во Кавадарци кој ќе започне во 13 часот кај кружниот тек „Сашко Гешковски“ до спомен плочата и паметникот во Кавадарци посветен на формирањето на првиот комитет на ВМРО, после Солунскиот.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните да му кажат на Зоран Заев и СДСМ дека Македонија се буди и дека Македонија ќе победи.