Протестен марш пред МВР и Обвинителството: „Јавна соба“ е кривично дело

Платформата за родова еднаквост организира протестен марш, на кој ќе бидат соопштени барањата до институциите за темелно расчистување на случајот „Јавна соба“ и за сеопфатен пристап во справувањето на државата со родово базираното насилство, кое во разни форми е широко распространето и вкоренето во нашето општество.

Маршот ќе се одржи утре со почеток во 14.30 часот пред Министерството за внатрешни работи, преку булеварот Јордан Мијалков, Кочо Рацин, Кејот Димитар Влахов и ќе заврши пред Основното јавно обвинителство.

– И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите, а ги охрабруваме и жртвите на „Јавна соба“, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса за да проговорат и побараат правда. Сметаме дека целосното разрешување на овој случај е шанса за институциите да покажат дека и во пракса се залагаат за женските права и безбедноста на жените во онлајн и физичкиот простор. Затоа, бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство, бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени, бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик, араме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции – велат од Платформата за родова еднаквост.

На маршот ќе се почитуваат сите здравствени протоколи за превенција од ковид-19.