Протести во Барселона за ослободување на каталонските функционери

Илјадници поборници на независноста на шпанската автономна покраина Каталонија со повиците „Слобода!“ маршираат во саботата по улиците на покраинската престолнина Барселона барајќи ослободување на каталонските функционери притворени под обвинение за подготвување бунт.

Десет лица, коишто се обвинети за организирање и спроведување бунт против Шпанија, се притворени во близина на шпанската престолнина Мадрид, откако во парламентот на Каталонија пред две седмици беше изгласана независноста од Шпанија, која централните власти не ја признаваат.

„Слобода за политичките затвореници“, пишува на транспарентите додека на улиците на Барселона се виорат каталонските знамиња.

Протестот го организираа Каталонското национално собрание (ANC) и движењето Омниум Културал, чиишто челници се во притвор, и коишто ги мобилизираат граѓаните во одбрана на прогласената република. На чело на поворката се членови на семејствата на осумте притворени членови на сменетата каталонска влада „Ние сме Република“ пишува на транспарентот кој тие го носат.

Протестот започна во 17 часот и организаторите очекуваат повеќе стотици илјади граѓани.

Од Белгија се огласи и сменетиот претседател на каталонската влада Карлес Пучдемон кој истакна дека „Шпанија ѝ нанесе штета на демократијата“ со апсењето на поборниците на независноста.

„Многу е разочарувачки што Европската унија одговара на ситуациите во Унгарија и во Полска, но не и во Каталонија“, го критикуваше Пучдемон двојниот стандард на Брисел во интервјуто за британската телевизија Sky News.

Пучдемон и четворица функционери од неговата влада се наоѓаат во Белгија. Шпанија побара да ѝ бидат предадени откако не се појавија на сослушување пред судот во Мадрид.

Каталонскиот парламент на 27-ми октомври изгласа независност на севеористочната шпанска покраина Каталонија по референдумот од 1-ви октомври кој го забранија владата и уставниот суд во Мадрид. Шпанската влада следниот ден го примени членот 155 од уставот со кој ја укина автономијата на Каталонија и ја презема контролата над тамошната администрација, распуштајќи ја владата избрана во 2015 година и распиша предвремени парламентарни избори за 21-ви декември.