Протести во Кисела Вода за дислокација на Центарот за зависници

Жителите на Кисела Вода повторно излегоа на протести на кои бараат дислокација на Центарот за зависници во населбата. Околу еден час тие блокираа дел од булеварот Борис Трајковски, жалејќи се дека не се чувствуваат безбедни и дека лицата што се лекуваат во Центарот расфрлаат шприцеви и игли кои се опасност за најмладите и за околината, пренесува Макфакс.

На протестот се појави и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, кој рече дека моментално решение е да се зголеми присуството на персонал и полиција во болницата, а со тоа ќе се намали шансата да се изнесува надвор дрогата.

Ова е мерка за наредните 2 недели, а потоа, во наредните 3 месеци ќе се изврши дислокација на Центарот. Како решение остануваат трите локации кои беа споменати на средбата со граѓаните во општината пред 2 недели, рече Темелковски, не сакајќи да прецизира каде ќе биде преместена болницата бидејќи, како што рече, тоа е работа на Министерството за здравство.

Жителите на Кисела Вода изјавија дека генерално се задоволни од овие предложени мерки, но очекуваат во текот на утрешниот ден да ги видат на хартија, па во зависност од тоа ќе одлучат дали ќе ги продолжат протестите.

Незадоволството на жителите од Кисела Вода ескалираше пред 3 недели, кога тие почнаа поинтензивно да бараат дислокација на Центарот за зависници. Досегашните средби со министерот за здравство, Венко Филипче, и со претставниците од општината не дадоа плод, но тие очекуваат во наредниов период да има точен датум кога центарот ќе биде дислоциран.

Животот околу болницата станува неподнослив. Децата со страв ги пуштаме на школо. Последниве месеци четири деца се повредија со употребени игли оти се расфрлани насекаде. Немам ништо против нив, тие се лечат и треба да се лечат, но на друго место. Овде веќе нема куќа што не е ограбена, нема двор во којшто не влегле. Шприцеви си наоѓаме по подрумите и гаражите, не можеме мирно да спиеме. Пред очи на нашите деца среде бел ден на улица се соблекуваат по гаќи и се боцкаат во бутовите, а ние сме немоќни да направиме што било“, се пожалија жителите околу болницата на протестот минатиот месец.

https://www.youtube.com/watch?v=__glOKa979g

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.