11.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Протести во Либан поради економската криза (ФОТО)

Демонстрантите денеска ги блокираа патиштата низ различни делови на Либан, а некои од нив палат автомобилски гуми, во знак на протест поради економската криза во земјата, неколку дена откако либанската фунта падна на ново најниско ниво.

Патиштата во центарот на Бејрут, пристаништето Триполи во северен Либан и градот Сидон на југот на земјата беа блокирани од запалени гуми, јавува Ројтерс.

Економската криза во Либан, која избувна во 2019 година, турна повеќе од три четвртини од населението во сиромаштија, а локалната валута падна за над 90 проценти. Либанската фунта потона во однос на доларот на над 25.000 фунти минатата недела, од нивото од 1.500 фунти за долар на кое беше во 2019 година.

Ситуацијата не е значително подобрена откако беше назначена владата на премиерот Наџиб Микати во септември, по повеќе од една година политички ќор-сокак што ја влоши кризата.

Владата на Микати е парализирана од спорот што избувна на седницата на 12 октомври за главниот истражител за фаталната експлозија во пристаништето Бејрут во 2020 година, и оттогаш не се состана.

Државните субвенции беа намалени за речиси сите стоки, вклучително гориво и лекови, што доведе до зголемување на потрошувачките цени.

Главниот фокус на Владата е оживување на преговорите со Меѓународниот монетарен фонд, со цел да се добие потребната странска финансиска помош.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.