Протестите на средношколците во Франција продолжуваат

Неколку илјади средношколци протестираа денес во Франција против образовните реформи во сферата на матурските испити и начинот на запишувањето на факултетите.

Како што јави дописникот на МИА, при протестите во градот Безие повреден е еден ученик.

Протестите во Марсеј започнаа пред факултетот Сен Шарл, од каде средношколците се упатија кон старото пристаниште, по што се вратија на појдовното место. При протестот средношколците беа придружувани и од нивните професори.

Маршот на средношколците мина со засилено полициско присуство, при што демонстраните беа следени и од хеликоптер.

Меѓу паролите кои можеа да се видат на собирот беа и: „Тие може да ги соберат сите цвеќиња, но нема да ја запрат пролетта“ и „НЕ за зголемување на трошоците за запишување на факултет“.

Неколку средни училишта во реонот на Марсеј беа затворени превентивно со образложение за можен „преголем ризик и жртви“ и „присуство на надворешни елементи меѓу учениците“.

Протести и блокирани средни училишта имаше и во други делови на Франција, посебно во Париз и парискиот регион, каде за утре е закажан протестен марш, само еден ден пред најавените нови собири на „жолтите елеци“ (Gilets Jaunes).

Полицијата веќе најави зголемени безбедносни мерки и промена на стратегијата на дејствување во случај на насилни протести.

Извор: МИА