Протестите на „Жолтите елеци“ во Париз стивнуваат, но има повеќе судири на демонстрантите со полицијата

Атмосферата на протестите на „Жолтите елеци“ во срцето на француската престолнина станаа поагресивни поради тоа што демонстрантите влегуваат во судири со француската полиција, јавуваат агенциите.

Протестите кои во изминатите шест недели предизвикаа хаос на улиците на Париз, денес стивнаа, но собирањето на помал број луѓе пред претседателската палата ја примора полицијата да реагира со солзавец и да употреби пендреци.

Бројот на демонстранти на Елисејските полиња, кои беа жариште на протестите, опадна, и изгледа дека граѓаните го игнорираат повикот и денес, шеста сабота по ред, да излезат на улиците на градовите низ Франција.

За разлика од хаосот кој изминатите викенди беше виден на улиците, туристи шетаа по авенијата во близина на Триумфалната капија, додека најголемите париски булевари беа отворени за сообраќај.

Неколку стотици учесници на протестите, со придружба на полицијата, маршираа кон црквата Мадлен во близина на Елисејската палата, но беа сопрени во мала споредна уличка по што пораснаа тензиите, а полицијата реагираше со солзавец и пендреци за да сопре дел од демонстрантите кои се обидоа да го пробијат кордонот.

Сепак, како што пренесува Асошиејтед прес, протестите сѐ уште имаат домино ефект.

Версајскиот дворец, во близина на Париз, беше затворен денес откако учесниците на протестите најавија дека ќе одржат протести кај славниот замок, кој бил резиденција на француските кралеви до Француската револуција во 1789 година.

Меѓутоа, во Версај се појавија само неколку десетици „жолти елеци“, додека повеќето демонстранти мирно протестираа во подножјето на ридот Монмартр кај црквата Сакр кер.

Околу 200 кружни текови беа и денес блокирани надвор од Париз.

На југот на Франција, во близина на градот Сент Етјен, демонстрантите го блокираат главниот пар и предизвикаа пожари, но продавниците во центарот на градот останаа отворени.

Локалните власти претходно денес соопштија дека загина возач на автомобил во јужна Франција кога со возило удри во камион на сообраќајница блокирана од „жолтите елеци“.

Со тоа бројот на смртни случаи поврзани со повеќенеделните антивладини протести порасна 10.