Проверете дали ви стигнал повратот на ДДВ од „Викендот без ДДВ“.

Од денеска треба да почне исплатата на парите од повратот на ДДВ од „Викендот без ДДВ“.

Враќањето на целосниот износ на ДДВ законски требаше да се изврши во рок од 15 дена од денот на скенирањето на сметките, но периодот на исплата се оддолжи, бидејќи се чекаше донесувањето на ребалансот на буџетот. Тој беше донесен кон средината на минатата недела, но враќањето на ДДВ беше најавено за оваа недела.

„Викенд без ДДВ“ беше најавен како проект од четвртиот сет на економски мерки, а истиот беше реализиран за време на продолжениот викенд од 10 до 12 октомври. На граѓаните кои се корисници на апликацијата МојДДВ, за фискалните сметки издадени на деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, за вкупниот промет до 30.000 денари по лице, остварен од македонски производи и услуги, како и компјутерска опрема треба да им се врати целосниот износ на пресметаниот ДДВ за овие производи во фискалните сметки.

За проектот „Викенд без ДДВ“ првично беа одредени 17 милиони евра, но според потрошеното, треба да им бидат исплатени 1,1 милиони евра, поточно 66.853.929 денари.

За купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема во деновите 10, 11 и 12 октомври вкупно 204.088 граѓани кои скенирале оствариле промет од 558.176. 715 денари.

Од Управата за јавни приходи информираа дека месецов практично на сметките на граѓаните треба да легнат 500 милиони денари, поврат во кој се вклучени редовниот поврат за претходните три месеци и од викендот без ДДВ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.