Прв бизнис форум со иселеници и стопанственици во Македонска Каменица

365
Македонска Каменица денеска беше домаќин на првиот бизнис форум со иселениците и стопанствениците кој се организира како дел од настанот „Ден на дијаспората 2019 “. Настанот во организација на Општина Македонска Каменица го отвори градоначалничката Соња Стаменкова, која во изјава за медиумите истакна дека целта на ваквиот настан е да се презентираат потенцијалите за развој на Општината.
-Заради тоа што досега немаше проактивност од дијаспората, идејата за да се формира ваков бизнис-форум ја остваривме денеска. Се надевам дека поттикнавме кај иселениците интерес за да почнат да размислуваат на темата да ги користат сретствата кои ги нуди Владата на РСМ и поволностите кои што ги нуди Општината во смисла на индустриска зона, на инфраструктурни решенија, да размислуваат да инвестираат овде, истакна Стаменкова.
За неколку месеци, како што додаде Стаменкова ќе следи возвратна посета на иселениците од дијаспората со што овие теми кои се начнаа на првиот бизнис форум ќе бидат заокружени.

На настанот присуствуваа претставници од Владата кои се задолжени за создавање поволна бизнис клима и привлекување на инвестиции. Претставникот на Фондот за иновации и технолошки развој Бранислав Марковски апелираше поголем број субјекти да се вклучат во новите мерки кои се на располагање до крајот на годината.
-За жал, многу малку корисници на нашите мерки има од Македонска Каменица и затоа бизнис форумот е одлична можност пред иселениците да ги презентираме инструментите и можностите кои ги нуди Фондот за иновации. Имаше голема заинтересираност и се надеваме во скоро време ќе можат да аплицираат на повикот за основање нови старт-ап компании, истакна Марковски.

Иселеникот Драган Цонев, кој е долги години во Холандија, ја поздрави идејата за овој бизнис форумот.
-Повеќето од нас не се во можност овде да инвестираат, но со градоначалничката разговаравме за идејата како да го обновиме нашето училиште на македонски јазик во Холандија. Работиме на случајот па се надеваме тоа што поскоро да се случи, истакна Цонев.

По завршувањето на првиот бизнис форум во Македонска Каменица присутните се упатија во манастирско-туристичкиот комлекс „Еленец“ каде се одржа традиционалната иселеничка средба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.