Прв митинг на Трамп откако го победи коронавирусот: Се чувствувам моќно, ќе бакнувам момчиња и убави жени

Американскиот претседател Доналд Трамп се врати во предизборната кампања за помалку од две недели откако соопшти дека е заразен со коронавирус на собирот во Санфорд на Флорида, на кој, без маска на лицето, се фалеше за своето управување со епидемијата, пренесува Ројтерс.

Трамп влегувајќи на аеродром во Санфор фрлал маски за присутните, а за време на своето обраќање во повеќе наврати зборувал за закрепнувањето од вирусот Ковид-19.

„Завршив со тоа. Велат дека сум имун, Се чувствувам толку моќно“, рекол Трамп пред илјадници присутни кои стоеле доближени еден до друг, повеќе без маски.

Додал дека се чувствува толку моќно што би можел да се симне меѓу публиката и сите да ги бакнува.

„Ќе бакнувам момчиња и убави жени, на сите ќе им дадам голем дебел бакнеж“, рекол Трамп.

Си-Ен-Ен забележува дека неговиот говор траел нешто помалку од еден час, што е помалку од она што е вообичаено, што е меѓу 90 минути и 2 часа.

Собирот во Санфорд, првиот од четирите планирани за наредните 4 дена, покажал дека Трамп не се откажал од својот пристап откако е заразен со коронавирусот, наведува Ројтерс.

„Ако сакате да излезете, излезете“, им порачал тој на луѓето.

Митингот бил одржан неколку часа откако Белата куќа соопштила дека Трамп е тестиран и дека не е заразен.