Прв првенствен пораз на Барса сезонава во дуел со девет голови од кои два на Барди

Во најефикасниот натпревар од 37-то коло на шпанската фудбалска лига, Леванте на домашен терен ја совлада Барселона со 5:4 од кои два постигна македонскиот репрезентативец Енис Барди нанесувајќи му го на новиот шампион првиот првенствен пораз оваа сезона.

Барселона до овој меч имаше 27 победи и девет нерешени средби и се чинеше дека сезоната ќе ја заврши без пораз, особено што досега ниту еднаш не беше поразена од сега 15-то пласираниот Леванте.

Ова беше прв лигашки пораз на Барса по 44 натпревари без да биде победена, со што го надмина досегашниот рекорд на Реал Сосиедад од 1980 година, кога Баскијците нанижаа 38 дуели без пораз во Примера. Каталонците, исто така, пропуштија можност да ја освојат титулата без ниеден пораз, што ќе беше првпат по 1930-те години, но тогаш се играле само 18 натпревари. Покрај тоа, до овој меч на 36 натпревари Барселона имаше примено само 24 голови.

Играчите на Барселона, кои на овој меч ја немаа поддршката од Лионел Меси кој остана дома, толку делуваа незаинтересирано и опуштено што по 56 минути игра резултатот гласеше 5:1 за Леванте и навестуваше невиден дебакл за каталонската гордост. Сепак, до крајот на мечот Барса се синхронизираше и со три гола го ублажи поразот.

Последен пат Барселона примила пет голови во шпанското првенство во декември 2003 година кога беше поразена на гостувањето кај Малага со 1:5.

Леванте поведе веќе во 9-та минута а стрелец беше Емануел Боатенг. Истиот играш во 30 минута зголеми на 2:0, а до полувремето намали Фелипе Кутињо. Леванте одлично го отвори и вториот дел и за 11 минути постигна три гола, а стрелци беа македонскиот репрезентативец Енис Бардио во 46 и 56 минута, и повторно Боатенг во 49 минута кому ова му е прв хет-трик во кариерата. Барселона потоа заигра посериозно и стрелци беа Кутињо во 59 и 64 минута и Луис Суарез во 71 минута од пенал. До крајот Каталонците се обидуваа да останат непоразени и го опседнаа голот на домаќинот, кој сепак одолеа.

Барселона на табелата е прва со 90 бодови, Атлетико Мадрид е втор со 78 бодов, додека Реал Мадрид е трет со 75 бодови. Леванте е 15-ти со 46 бодови.

Во вториот вечерашен дуел вториот прволигаш од каталонската престолнина Еспањол на домашен терен беше убедлив со 4:1 против веќе испаднатата Малага.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.