Прва конвенција за вселенската индустрија во регионот на ЈИЕ во Скопје

Скопје од денеска до 23 октомври 2019, ќе биде домаќин на првата Конвенција за вселенска индустрија во регионот на Југоисточна Европа, на која учествуваат компании од Западна Европа, САД и Азија.

Настанот е во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелератор, во соработка со партнери од некои од најголемите вселенски агенции, како што е Брус Питман, главен стратег во НАСА, кој е одговорен за соработка со приватниот сектор. Форумот вклучува три главни содржини: Хакатон за студенти од 18 до 20 октомври и Конференција и Саем за индустрија од 21 до 23 октомври.

Над 30 претставници на компании од САД, Канада, Западна Европа (Холандија, Франција, Германија, Италија, Унгарија, Австрија) и Азија (Јужна Кореја и Хонг Конг), кои се добавувачи на вселенската индустрија, ќе се сретнат во Скопје со компании од македонската индустрија, со цел да презентираат на кој начин компаниите од реалниот сектор и од помалите земји можат да се вклучат во оваа високопрофитабилна индустрија, како и да идентификуваат потенцијални партнери и соработници, и да се запознаат со капацитетот на домашните таленти.

Меѓу учесниците на Конвенцијата се претставници на Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА), Планет, Ербас Дефенс енд Спејс, Азимут Спејс, Талес, Сапиенца Консалтинг, Течјон Аероспејс, Контек, Скај Лабс и други.

Конференцискиот дел од Конвенцијата, како и Саемот за индустрија ќе се случуваат од
21 до 23 октомври во хотелот Александар Палас и се наменети за компании од индустриите за информациски и комуникациски технологии, автоматика, роботика, паметни материјали, текстил, медицина, обновливи извори на енергија и агрономија.

Формално Конвенцијата започнува денеска со хакатон за млади
таленти насловена НАСА Спејс Апс Челинџ, што ќе трае до недела и на кој учесниците ќе решаваат глобални проблеми со помош на нови технологии, а во кој како ментори и судии ќе се вклучат и дел од експертите гости од странство, како и бројни домашни експерти од Нетцетера, Веб Фактори, Оне Инсајд, Симфони Солушн, Природно Научниот Музеј и други.

Поддржувачи и партнери на настанот се Амбасадите на САД, Холандија и Франција, ЕЛЕМ, Нуклеус, Фх3х, Нетцетера, ФИТР, НЛБ, МАСИТ, Општина Карпош, меѓународното училиште НОВА и Тиквеш.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.