Прва победа на „Кавалирс“, нов пораз на „Хјустон“

Кошаркарите на „Хјустон Рокетс“ забележаа уште еден пораз и тоа на домашен терен од „Портланд Треилблејзерс“ со 85:104, што е петти пораз од шест меча сезонава.

Во отсуство на повредениот Џејмс Харден, најдобар кај „Рокетс“ беше Крис Пол со 17 поени, девет асистенции и шест скока, а новото засилување Кармело Ентони, пак разочара со само осум поени. Дамијан Лилард беше најдобар кај победникот со 22 коша, седум асистенции и три скока.

Најголемото разочарување во НБА лигата, „Кливленд Кавалирс“ по смената на тренерот Тајрон Лу ја постигна првата победа сезонава против „Атланта Хоукс“ со 136:114. Во колективната игра, во која седумина кошаркари постигнаа двоцифрен број на поени, најдобар кај победникот беше Родни Худ со 26 коша. За „Атланта“ најефикасен беше Три Јанг со 24 коша.

Тимот на „Оклахома Сити“ ја забележа и втората победа сезонава и тоа против „ЛА Клиперс’ со 128:110. Расел Вестбрук и Пол Џорџ одиграа одличен меч реализирајќи по 32 поени, со осум асистенција на Вестбрук и  14 скокови на Џорџ. Кај поразените се истакна Данило Галинари со 27 коша и три асистенции.

Тони Паркер го одигра најдобриот натпревар од доаѓањето во „Шарлот Хорнетс“ кој славеше против „Мајами Хит“ со 125:113. Французинот беше најефикасен на натпреварот со 23 поени и 11 скокови со што ја помина границата од 19.000 поени и стана седмиот играч кој не е Американец што постигнал толку коша. Хасан Вајтсајд беше најдобар кај гостите со 16 коша и 12 скока, а Двејн Вејд уфрли 20 коша.

Во останатите натпревари се постигнаа следниве резултати: „Орландо Меџик“- „Сакраменто Кингс“ 99:107, „Бостон Селтикс“- „Детроит Пистонс“ 108:105 и „Мемфис Гризлис“-„Вашингтон Визардс“ 107:95.