Прва победа на ВБА сезонава, прв триумф на Лидс по 30 години во Ливерпул

Екипата на Лидс Јунајтед, на македонскиот репрезентативец Езган Алиоски кој повторни пружи солидна партија, во саботата во рамките од десеттото коло од англиската Премиер лига оствари минимална победа во Ливерпул што беше нивната прва победа по цели три децении на гостување кај Евертон.

Годинава амбициозниот тим на Евертон кој добро ја започна сезоната не успеа да ја реализира предноста на својот терен. Играчите на Лидс Јунајтед во текот на целиот натпревар покажаа дека се подготвени освен да го одбранат својот гол и да го изненадат противникот. Впрочем гостите имаа 23 наспроти 15 удари на противничкиот гол но повеќе од ударите на домашните фудбалери одеа директно кон рамките од противничкиот гол, а и Лидс далеку повеќе ја имаше топката во својот посед и оставри речиси двојно повеќе прецизини додавање од противникот. А за трите бода се погрижи новото засилување Рафиња, кој луцидно од дистанца во 79 минута биеше прецизно во самиот долен десен агол од домашниот гол.

Евертон со претходно остварената бодовна залиха сега и со четири порази е шести на табелата со 16 бодови, а Лидс моментално е 11-ти со 14 бодови.

Во последниот саботен дуел Вест Бромвич Албион на својот стадион со 1:0 го победи директниот ривал во борбата за опстанок Шефилд Јунајтед. Стрелец на побединичкиот погодок беше Конор Галагер во 13 минута. ВБА барем до завршувањето на ова коло е надвор од опасната зона, 17-ти е со шест бодови, еден односно два бода повеќе од Барнли и Фулам кој има меч помалку. Шефилд остана закован на дното со само еден бод.

По серијата слаби претстави и острите критики од фановите за неефикасноста, фудбалерите на Манчестер Сити ја „наплатија сметката“ од Барнли, декласирајќи го на својот стадион со 5:0. Најдобар поединец на натпреварот беше Ријад Марез кој постигна хет-трик со погодоците во 6, 22 и 69 минута, а по еден гол додадоа Бенџамин Менди во 41 и Феран Торес во 66 минута.

Со оваа победа Манчестер Сити дојде до осмото место со 15 бодови, а Барнли сега е 18-ти со пет бодови.

Во првиот меч во саботата актуелниот шампион Ливерпул во судиското продолжение ја испушти победата на гостувањето ја Брајтон енд Хоув Албион, а овојпат против себе го имаше и ВАР-от.

Домашните ги имаа првите големи шанси за гол на мечот, а најголемата во 20 минута ја испушти Мопеј кога шутираше покрај голот од пенал досуден поради прекршокот на Вилијамс над Коноли.

Ливерпул во 34 минута постигна погодок, кога Мохамед Салах ѝ побегна на домашната одбрана, доби употреблива топка и со прецизен удар ја испрати топката покрај истрачаниот домашен голман Рајан. Меѓутоа, ВАР-от пресуди дека Салах за должината на палецот од ногата бил во недозволена позиција, па голот беше поништен. Во 60 минута „Редсите“ сепак поведоа, кога Салах ја пропушти топката за Диого Јота, а овој со прецизен удар од 13 метри ја погоди мрежата.

Во завршницата ВАР-от, повторно на двапати реагираше за жал и на штета на Ливерпул. Во 84 минута Садио Мане погоди со глава, но ВАР-системот покажа дека малку поранил со втрчувањето кон противничкиот гол и за педесетина сантиметри се нашол во офсајд. И кога гостите трабаше да ги одработат петте минути од судското продолжение, судијата Етвел по прегледот на снимката на ВАР-от утврди дека Робертсон во својот шеснаесетник го удрил по стапалото Велбек и реши по вторпат да досуди најстрога казна за домашните. Овојпат Паскал Грос беше прецизен од белата точка.

Со првиот бод освоен во историјата во премиерлигашките соочувања со Ливерпул, екипата на Брајтон дојде до 10 бодови вкупно кои му се доволни засега за безбедното 16-то место. Ливерпул, пак, остана на врвот со 21 бодови, бод повеќе од вториот Тотенхем и по три од трето и четвртопласираните Челзи односно Лестер Сити. Сите три екипи имаат по меч помалку, а во Лондон во неделата попладне се игра големото дерби.

Денеска се играат уште три натпревара: Саутемптон – Манчестер Јунајтед, Челзи – Тотенхем и Арсенал – Вулверхемптон, а во понеделник колото ќе го заокружат дуелите: Лестер Сити – Фулам и Вест Хем Јунајетд – Астон Вила.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.