Прва посета на шеф на кипарската дипломатија на Скопје

Министерот за надворешни работи на Република Кипар Никос Христодулидес на покана од шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска ќе престојува во прва официјална посета на Република Северна Македонија.

Како што соопшти МНР, министерот Христодулидес ќе биде примен и од претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Оливер Спасовски.

-На средбата предвидено е да се разговара за билатералната соработка и состојбата во регионот, особено за неговата европска и евроатлантска перспектива, како и за поддршката што Република Кипар и’ ја дава на Република Северна Македонија во тој контекст, наведуваат од МНР.

Во фокусот на средбата ќе бидат и можностите за унапредување на политичкиот дијалог во периодот што следи со цел збогатување и интензивирање на соработката во различни области.