Прва претседателска посета на Бајден на сојузниците во Европа, пред самитот со Путин

Американскиот претседател Џо Бајден во средата првпат во ова својство заминува во странство и тоа во Европа каде што ќе се „бори“ за она што го нарекува „дефинирачка битка за демократијата“, каде што ќе се сретне со клучните сојузници на САД пред тешкиот самит со рускиот претседател Владимир Путин.

Со преполн дневен ред, кој вклучува учества на самитите на челниците на седумте најразвиени земји во светот од групата Г7, на НАТО пактот и на Европската унија пред средбата со Путин во швајцарска Женева, Бајден најавува обид за зајакнување на Западот, кој според него, се наоѓа на „пресвртната точка“.

„Ова е решавачкото прашања на нашето време… Дали демократските сојузи и институции, кои толку многу го обликуваа минтатиот век, ќе покажат отпорност против модерните закани и противници. Верувам во тоа. Оваа седмица во Европа имаме шанса тоа да го докажеме“, напиша Бајден за The Washington Post пред тргнувањето на пат.

Изјавата на Бајден се доживува како враќање кон традиционалната американска политика на влијание во странство а што голем дел од политичкиот естаблишмент во САД го дожувува како олицетворение на американската моќ и градење на новиот светски поредок, по четирите години во коишто Доналд Трамп го напушти таканаречениот „мултилатеризам“ а од американските сојузници бараше повеќе да плаќаат и поангажирано да учествуваат во заедничките иницијативи.

Бајден ќе разговара со партнерите од групата Г7, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, од петок до недела во летувалиште на југозападот на Англија. Потоа ќе ја посети кралицата Елизабета Втора во Виндзор, а пота лета за Брисел каде на 14-ти јуни е самитот на лидерите на НАТО, а ден потоа ќе учествува на самитот на ЕУ.

На крајот на турнејата, во Женева Бајден ќе се сретне со Путин, кого неодамна го нарече „убиец“ на што му беше возвратено „да се погледне во огледалото“ и да си го „чува здравјето“, што меѓу другото беа алузии на неговите чести гафови во говорите и неколкуте падови.

Планот за патот пред самитот со Путин, како и датумот за средбата на кој инстираше Вашингтон е осмислен да му испрати „јасна порака“ на рускиот челник дека „Бајден во Женева ќе го претставува демократскиот блок, а не само САД“.

„Ќе замине на таа средба со ветер во грбот“, рече Џејк Саливен, советникот за национална безбедност на Бајден.

Тоа доволно зборува за фактот дека администрацијата во Вашингтон оценила оти, во прв ред европските сојузници, добиле премногу „автономност“ во носењето некои стратешки одлуки кои се однесуваат на суверените интереси. Но, исто така, имајќи предвид дека претходно седмицава САД повлекоа некои од санкциите за руско-германскиот гасовод Северен тек 2, кој и онака беше веќе речиси завршен, може да се претпостави дека американската страна ќе бара нови политички партнери во самите сојузнички држави во Европа, за исполнување на своите интереси.

 

Кинеската доминација или хаос?!

Републиканскиот претседател Доналд Трамп се трудеше од САД да ја симне етикетата „светски полицаец“ и стана еден од ретките американски претседатели во историјата кој не започна нова војна, туку напротив започна со повлекување на трупите од странство. А оваа традиционална за конзервативните кругови ткн „изолационистичка“ политика која повеќе преферира билатерални отколку мултилатерални договори, очигледно има доста приврзаници во САД, имајќи го предвид силниот солиден рејтинг на Трамп во моментов.

Наспроти тоа, додека светот се обидува да излезе од пандемијата на коронавирусот, Бајден со помош на масивна поддршка во мејнстрим медиумите се обидува САД да ги стави како главна поддршка за размена на вакцините, иако освен вербални ветувања досега во други земји не е испратена ниедна доза, да го обезбеди економското закрепнување, и повторно да го преземе водството во климатските прашања.

Бајден се обидува, исто така, да претстави дека САД повторно се враќаат во нуклеарниот договор со Иран, критикувајќи го Трамп затоа што ги извади Соединетите држави од него. Но факт е дека Вашингтон бара преговори по нови точки со Техеран, што всушност е продолжување на она што го правеше претходната администрација.

„Америка се враќа“, е мотото на Бајден. Алтернативата е, како што рече неговиот државен секретар Ентони Блинкен, „кинеска доминација или хаос“.

Аналитичарите стравуваат дека сѐ уште потресени од шоковите што на нивната залегнатост им ги приреди Трамп, европските сојузници би можеле да го дочекаат Бајден со скепса. Покрај другото, и затоа што западаните европски престолнини се чини не се доволно убеден во лидерските капацитетите на сегашниот американски претседател.

Притоа не смеат да се испуштат од предвид и фактите дека минатиот месец Вашингтон ги блокираше обидите на Париз во Обединетите нации да воспостви примирје меѓу Израел и Хамас во палестинската енклава Појасот Газа. Од друга страна, пак, американското прифаќање да се споделат вакцините против Covid-19, дојде по долготрајните критики за американското трупање на вакцините поради што и ЕУ се најде во незавидна позиција.

Еден од поинтересните моменти од престојот на Бајден во Европа, секако ќе биде неговата средба со турскиот претседател Реџепт Тајип Ердоган на маргините на самитот на НАТО. Бајден го иритираше Ердоган нагласувајќи ја „лошата ситуација со човековите права“ во Турција, како и со признавањето на геноцидот над Ерменците во периодот на Османлиското царство, на што Анкара секогш жестоко реагира неприфаќајќи ја таквата формулација.

Вашингтон со ваквите потези „ризикува да загуби драгоцен пријател“, предупреди неодамна Ердоган.

 

Не се очекува Женевско ресетирање на односите меѓу САД и Русија

На првите три средби на највисоко ниво, во најмала рака Бајден може да очекува пријателска атмосфера додека сојузниците ќе исчекуваат да ги слушната неговите планови, стратегии и визии. Меѓутоа, многу проблематично е какво ќе биде расположението на самитот во Швајцарија.

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен многу неодредено рече претходно седмицава дека Белата куќа „само сака да ги стабилизира“ односите со Русија.

Од Вашингтон, иако ја потврдија одлуката на претходната администрација за излегување од Договорот отворено небо, сметаат дека направиле чекор во поглед на договорот СТАРТ 3, со неговото подолжување. Сепак, станува збор за продолжување на овој договор во согласност со одредбата за временската рамка по неговото завршување до постигнувањето нов. На Бајден, исто така, неизоставно му е потребна соработката од Москва, доколку навистина сака да направи напредок и во однос на преговорите за нуклеарната програма на Иран.

Меѓутоа, списокот со проблеми во американско-руските односи е многу голем. Администрацијата на Бајден ја продолжува практиката на онаа од мандатот на неговиот претходник и повторно без пружање никакви докази ја обвинува Русија за наводни кибернетички напади и мешања во американските избори и одврме навреме се заканува со нови санкции.

Бајден, барем вербално пред самитот се обидува да изврши притисок врз Путин, обвинувајќи ја Русија за наводно трупање војска на украинските граници во исто време додека НАТО и САД го оддржуваат најголемиот воен состав на руските граници во историјата и ги оддржуваат најголемите досега воени маневри во однос на препознатливата „закана“ од истокот. Ќе се обиде да го искористи и неодамнешниот инцидент со патничкиот авион приземјен во Минск со белоруски дисидент, непосредно пред претходно закажаниот состанок на белорускиот претседател Александр Лукашенко со Путин во Сочи.

Интересно е да се види дали Бајден ќе ги оствари своите изјави дека на Путин јасно ќе му се закани со американски одговор кој вториот „ќе го почувствува“ за наводните руски кибернетички напади во САД, како и за „непочитувањето на човековите права“ во Русија, на што Москва му порача дека „има што да му каже“.

Се чини дека самитот во Женева, кој е договорен по инсистирање на Бајден, е избрзан во поглед на тоа какви може да бидат стварните очекувања од него, во заднината на жестоките меѓусебни обвинувања. Повеќе, изгледа, самитот со Путин ќе има  функционалноста на американски внатрешно политички план и во однос на сојузниците, отколку што ќе претстаува обид да се ресетираат односите меѓу двете највооружени земји на планетата. Показател за тоа се анализите во водечките американски медиуми кои се сојузници на Бајден, кои повеќе се занимаваат со тоа каков бил односот на Трамп во поглед на Русија, и неговиот самит со Путин од 2018 година во Хелсинки, отколку со процена на она што може Бајден да придонесе во разговорите со рускиот челник, особено во глобален аспект.

Како во Вашингтон, и во Москва не се очекува многу од женевскиот самит, и се претпоставува дека односот меѓу двете сили и натаму ќе остане силно конфронтациски без никакви шанси за „ресетирање“.