Прва првенствена победа на Интер, Јуве максимално

Фудбалерите на Интер ја остварија првата победа сезонава во Серија А, откако во третото коло од италијанскиот шампионат на гостувањето ја совладаа Болоња со 3:0, додека актуелниот шампион Јувентус кај Парма славеше со 2:1.

Интер поведе во 66 минута со голот на Раџа Наинголан, кој одлично шутираше од шеснаесетникот по асистенцијата на Метео Политано. Гостите го решија мечот во 82 минута кога погодок постигна Андреа Кандрева, а во 84 минута Иван Перишиќ ги постави конечните 3:0.

Интер по првата првенствена победа сокна провремено на седмото место со четири бодови, додека Болоња остана во групата екипи со по еден бод.

Јувентус на гостувањето со 2:1 ја победи Парма, откако поведе уште во 2 минута преку Марио Манџукиќ, кој умешно искористи одбиена топка откако со глава прво шутираше неговиот соиграч Хуан Квадрадо. Парма во продолжението од првото полувреме беше подобра и успеа да израмни во 33 минута преку Жервињо. Сепак, актуелниот шампион во вториот дел наметна ритам кој домаќините не можеа целосно да го следат, па во 58 минута Матиуди реаилизраше одлична акција којашто ја започна Даглас Коста а Манџукиќ со петица го проигра стрелецот. До крајот на мечот и Парма и Јуве создадоа по неколку опасни ситуации пред противничкиот гол, но останаа нереализирани. Во редовите на „Старата дама“ од Торино очигледно беше дека соиграчите беа подредени да овозможат првиот гол во Серија А да го постигне Кристијано Роналдо.

Јуве е на врвот со максималните 9 бодови, а може да му се придружат Наполи и СПАЛ кои в недела ги играат своите дуели од третото коло. Парма моментално е 15-т со еден бод.

Претходно во петокот Милан ја совлада Рома со 2:1.

Во недела играат: Фиорентина – Удинезе, Аталанта – Каљри, Киево – Емполи, Лацио – Фросиноне, Сампдорија – Наполи, Сасуоло – Џенова, Торино – СПАЛ.