Прва Регионална конференција за вмрежување на македонската дијаспора

Во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје вечерва е отворена првата Регионална конференција за вмрежување на македонската дијаспора, во организација на Агенцијата за иселеништво.
На отворањето присуствуваа министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов, пратеничката во романскиот Парламент која го претставува македонското малцинство Маријана Венера Попеску, првиот секретар на Амбасадата на Црна Гора во Северна Македонија, Ивана Сикмановиќ, советникот за внатрешни работи при Амвасадата на Турција во нашата земја, полковник Халдун Ерсин Унал, како и голем број претставници на македонски иселенички организации и на малцинства во Република Северна Македонија.
Министерот Адеми и директорот на Агенцијата, Шалваринов во своите обраќања пред присутните гости истакнаа дека првата Регионална конференција за вмрежување на македонската дијаспора има за цел да се воспостави соработка и продлабочување на веќе постоечката соработка меѓу македонската дијаспора и Република Северна Македонија, како и да се поттикне взаемна, реципрочна соработка со земјите каде живее македонската дијаспора.
Исто така, беше нагласено и дека за време на конференцијата ќе биде презентиран и Акциониот план на Националната стратегија за соработка со дијаспората, како и можностите за студирање и практиканство во земјата преку Еразмус програмата, промоција на македонскиот туризам и пласман на македонски производи.
Во следните два дена претставниците на здруженијата на иселенички организации од Северна Македонија во Романија, Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Словенија, заедно со претставниците на малцинствата во нашата држава ќе имаат можност да дискутираат на теми од заеднички интерес, од кои ќе произлезат заклучоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.