Прва седница Уставен суд во новата година

Шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и две барања за заштита на слободи и пр ава се на дневен ред на денешната прва седница на Уставниот суд во новата година.

На денешната седница се иницијативите за членови 75-ѓ, 76-д, 78 и член 78-а од Изборниот законик.

Според подносителот на иницијативата, одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизираат четири политички партии со што директно се загрозува политичкиот плурализам. Во иницијативата се наведува дека на тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста и дека со тие одредби се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар.

На дневен ред меѓу другото е и иницијативата поднесена за членот 205 од Законот за облига­цио­ните односи.

Подносителот смета дека одредбата од Законот не е јасна и предвидлива и го исклучува правното дејство на пресуди на Врховниот суд донесени во постапка на ревизија со кои се укинати или преиначени пресуди на пониските судови врз основа на кои била извршена присилна наплата на надо­местокот на штета означен во таа одредба и ја сведува ревизијата на неефикасно правно средство (повреда на правна заштита на сопстве­носта).

Се наведува дека е нужно оспорената одредба од Законот да се согледува во контекст на одредбите што се однесуваат на правилата за враќање кај „стекнување без основа“ и во однос на надоместокот на штета односно справедлив надоместок во случаи на повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт од тој закон.