Прва триатлонска трка и посебен сообраќаен режим околу ВИП Арена „Борис Трајковски“

Посебен режим на сообраќај денеска од 7.30 до 12.30 часот ќе има околу ВИП Арена „Борис Трајковски“ поради интернационалната трка „Топси триоги триатлон“ што ја организира спортскиот триатлон клуб „Триоги рејсинг“ од Скопје.

Трката ќе почне во 8.30 со пливање во базенот на спортскиот центар и ќе продолжи со натпревари во возење велосипед и трчање по околните сообраќајници.

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје соопшти дека ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на булеварот „Илинден“- од крстосница со булеварот „8 Септември“ до крстосницата со улицата „Љубљанска“. Притоа за сообраќај ќе биде затворена само коловозната лента во насока од „Мида моторс “ кон населбата Ѓорче Петров, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полицајците по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.

Првата триатлонска трка во Скопје се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во земјава. Натпреварувачите ќе бидат во возрасни категории – сениорите и јуниорите ќе пливаат 750 метри, ќе возат 20 километри велосипед и ќе трчаат пет километри. Ќе има и натпревар на кадети и деца во две возрасни групи, како и трка за рекреативци.

Данчо Ѓорѓијевски, основач на клубот „Триоги рејсинг“ и организатор на настанот, вели дека се пријатно изнанедени од 150 пријавени, меѓу кои ќе има и учесници од Србија и Бугарија.

Триатлонот е спорт кој е во подем во целиот свет, особено во Европа, па и Скопје заслужува да има ваков настан, кој се надеваме дека ќе прерасне во традиција. За жал, Скопје и околината немаат отворени води во кои би можело да се организира триатлонски натпревар и затоа моравме да го организираме на базен, изјави Ѓорѓијевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.